Арета Френклин во болница: Докторите се борат за нејзиниот живот
САД-Кралицата на соулот Арета Френклин (76) се наоѓа во критична состојба и во моментов престојува во болница во Детроит, каде се наоѓа и нејзиното потесно семејство. Тие се подготвуваат за најлошото, како што тврдат американските медиуми, бидејќи докторите немаат светли предвидувања за состојбата на пејачката.
Музичката легенда, веќе со години се бори со срцеви заболувања и често се наоѓа под докторска нега.
Арета Френклин настапуваше во живо до минатата година, но во последниот период откажа голем број концерти поради нејзината здравствена состојба, која изгледа дека се влошува од ден на ден. Нејзиниот последен настап беше на 2 ноември 2017 година, кога пееше на фестивалот организиран од страна на фондацијата на Елтон Џон.
„И понатаму ќе продолжам да снимам музика, но оваа година ќе биде последната во која настапувам пред публика“, рече пејачката во февруари оваа година.
Арета имаше здравствени проблеми во текот на целиот живот, борејќи се со прекумерна тежина, алкохолизам и зависност од цигари. Во 2011 година се појавија гласини дека таа боледува од рак на панкреасот, но таа тоа го негираше.