Аплаузи и солзи: Мал Балкан на концертот на Влатко Стефановски во Охрид


Гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски не развесели и не растажи на концертот во Античкиот театар во Охрид, во средата вечер, во организација на „Баги комуникации“. На почетокот, сам, на сцената ја отсвири „Абер дојде Донке“, а потоа во наредните два и пол часа, со гостите од Бугарија, Грција и Србија: Теодосиј Спасов, Танос Ставридис и Билјана Крстиќ, со нашата етноатракција „Љубојна“ и оперската дива Весна Ѓиновска-Илкова, приредија незаборавно музичко патување. Ги промовираше инструменталките од најновиот албум „Мајчин јазик“, но и ги свиреше и постарите хитови на кои им се радуваме „Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Чукни во дрво“, „Скопје“…. Во Охрид нè почести со еден сладок музички десерт од репертоарот на „Леб и сол“ – „Чувам ноќ од будних“, и со две изненадувања: Од неговиот пријател Оливер Драгојевиќ со кој се познава 40 години, се прости со минијатура од неговиот хит „Магдалена“, а со оперската дива Весна Гиновска-Илкова ја отсвири и класичната арија „Con Te Partiro“ на Андреа Бочели и Сара Брајтман .

„Носталгијата е во мода, затоа што секогаш мислиме дека она што поминало е поубаво од она што нè чека утре“, рече Влатко пред да ја најави „Мирно лето охридско“, која му ја посвети на Охрид, неговата вечна инспирација.

Големината на Стефановски не е само гитарската мајсторија, туку и неговата едноставност и непосредност. Од познати регионални и светски сцени до сцените низ нашава земја, Влатко е еден од најголемите промотори на Македонија во светот. Каде и да е, секогаш се враќа дома, во родното Скопје, во семејниот дом во Тафталиџе и ужива во улога на родител на Ана и Јан. (Л.С.)

Фото: Благоја Ангеловски