Анѓушев: Процесот на продажба на ЕДС е транспарентен


Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека продажбата на неговата компанија ЕДС на Грчкото државно електростопанство е поврзано со преговорите за спорот со името ги оценува како неосновани и несериозни.

Продажбата на компанијата, вели, е поврзана со бизнис логика. Грчкото електростопанство ја имало и најдобрата понуда и нудело најдобра перспектива за неа. Потенцира дека таа е направена е врз основа на ревизорски извештај изработен од реномирани меѓународни ревизорски куќи ангажирани од сите страни што преговарале и оти цената е фиксно детерминирана. Додава дека таа ќе биде јавно изнесена во неговиот анкетен лист за сите граѓани да можат да ја видат.

– ЕДС е снабдувач со електрична енергија и работи во девет земји и логично било некоја од нив и да ја купи. Конечно, ППЦ односно Грчкото електростопанство ја имаше најдобрата понуда не само во финансиски смисла, туку и во однос на перспективата на ЕДС и клиентите што ги има затоа што мене ми најважно оваа компанија како моја старт ап компанија и натаму да продолжи да работи, истакнува Анѓушев во интервју за Сител.

Според него, не е спорен ниту фактот што се работи за државна грчка компанија.

– Не, апсолутно не, затоа што државните компании се тие кои зад себе имаат производство. Па и ЕВН е државна компанија. Значи требаше да ја купи или компанија од Грција, од Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска или Австрија. Регионален е пристапот, вечи вицепремиерот.

Аншушев додава дека доколку ЕДС ја купела некоја компанија од Бугарија, Албанија или Србија, тогаш продажбата би се врзувала со договорот за добрососедство, со јазикот, или пак со црквата.

– Тоа покажува колку ние сме затворени како држава, треба да ги отвориме процесите и да не ги мешаме работите на бизнисот со политиката. Стопанството мора да тече и да се развива. Ваквите обвинувања се малку несериозни и верувам дека тие што ги зборуваат малку и себе не си веруваат, ако си веруваат тогаш имаме сериозни проблеми. Тоа значи дека не знаат да направат разграничување и веруваат во некакви конспиративно – Белизе шеми. Јас прикажувам компании кои се македонски, транспарентни со платен данок, а не Белизе компании, вели Анѓушев во интервјуто.