Анѓушев: За еден споменик пензионерите би добиле надомест и пристоен живот


Воведувањето пензија за сите возрасни граѓани, според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, нема да претставува големо оптоварување за буџетот, а ќе се реши проблем на голем број граѓани.

–  Сведоци сме дека многу средства од Буџетот биле ненаменски трошени. Мислам дека со мал број средства или мала количина средства од Буџетот на РМ ќе се решат проблеми на голем број од граѓаните кои се од повозрасните генерации, а притоа не остваруваат никакви приходи. Така што само со замена на парите  за еден споменик колку пензионери и колку возрасни лица би добиле надомест и попристоен живот, рече Анѓушев.

Во врска со регистрацијата на физичките лица како ДДВ обврзници тој смета дека таа се применува години наназад, но смета дека треба да се размислува во насока да се подобри овој механизам и да не се оштетуваат пониските категории плаќачи и да се зголеми прагот кој сега е на еден милион денари.

– Јас не знам како во моментов се размислува на оваа тема во Министерството за финансии, но сакам само да кажам дека не се случува ништо различно од она што се случувало претходно. Јас лично сум ДДВ-обврзник веќе три години и плаќам ДДВ, но тоа не значи дека не треба да се размислува во насока да се подобри тој механизам и да не се оштетуваат пониските категории на плаќачи и затоа мислам дека треба да се зголеми прагот на зафаќање, но тоа, сепак, е во ингеренциите на Министерството за финансии, истакна Анѓушев.