Анѓушев – Емилиевич: Соработка меѓу стопанските комори на Македонија и Полска


За поинтензивни економски односи меѓу Македонија и Полска, потребна е поголема соработка меѓу стопанските комори во двете земји, оценија денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев и полската министерка за претприемништво и технологии Јaдвига Емилиевич на средбата во Варшава.

Анѓушев и Емилиевич се согласија дека економската соработка се движи во нагорна линија и дека се зголемуваат увозот и извозот, но економските односи уште повеќе ќе се интензивираат со воспоставувањето на директната авиолинија Скопје – Варшава од јуни 2018-та година, како и со сезонската линија Варшава – Охрид во летниот период.

Како што соопшти Кабинетот на Анѓушев, на средбата станало збор и за соработката во земјоделството.

Анѓушев информира дека Владата на Македонија ја донесе среднорочната Програма за поддршка на иновации со која ќе се даде голема поддршка за малите и средните компании, а во процедура е и Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кој ќе се поддржат нови инвестиции, технолошки развој и отворање на нови работни места во македонските компании.

– Креиравме сет мерки кои ги нарековме План за економски раст, со кои сакаме да ја поттикнеме економската активност на компаниите во земјата. Тоа ќе го правиме низ транспарентен процес, во кој компаниите однапред знаат каква помош би можеле да добијат од државата за своите инвестиции. Сите компании, независно дали се со домашен или странски капитал добиваат исти можности, потенцира вицепремиерот.

Тој посочи и неколку мерки кои би биле атрактивни за компаниите.

– Владата ќе изврши поврат во висина од 10 отсто од направената инвестиција на компаниите, а дополнителни 10 проценти за инвестиции би добиле извозно ориентираните што инвестираат во подигнување на конкурентноста на странски пазари. Насочени сме кон технолошки развој и иновации, компаниите би можеле да добијат до 50 отсто од инвестицијата во истражувачки и развојни центри. Знаеме дека неколку полски компании покажуваат интерес за инвестиции во земјата и сигурен сум дека мерките од Планот за економски раст ќе придонесат да донесат одлука да инвестираат во Македонија, додаде Анѓушев.

Министерката Емилиевич посочи дека и Владата на Полска работи на имплементација на мерки за раст и развој на полската економија кои, како што рече, базираат на поддршка на истражувањето и развојот. Целта на оваа политика е растот на економијата да се базира на технолошки развој, а не на користење евтината работна сила.

Анѓушев е во еднодневна посета на Варшава каде, освен со Емилиевич, имаше средба и со претставници на компании-членки на Полско-балканската комора.