Антикорупционери, среќно и бериќетно!


Ана Павловска-Данева

Се пишуваше, се зборуваше на долго и на широко за новиот Закон за спречување на корупцијата, како и за новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата. Во овој кус временски период од изборот на членовите на ДКСК и нејзиното конституирање, на јавноста не ѝ преостанува ништо друго освен да гради претпоставки за нејзиното идно работење врз основа на интервјуата и биографиите на новите членови. И врз основа на нивните дејствија што сега на самиот почеток ќе ги преземат или нема да ги преземат.

Целиот процес на т.н. реформа на ДКСК започна со оставките на петте члена од претходниот состав и нејзиниот не само de facto (бидејќи тоа се имаше случено далеку претходно), туку и de jure престанок со работа. Имавме доволно време да ги воочиме недостатоците на претходниот закон, но и да ги собереме најдобрите компаративни искуства и сите препораки на меѓународната заедница за да подготвиме подобра легислатива.

Не знам дали тоа навистина се случи, имајќи предвид дека Комисијата можеше целосно ефикасно да работи и со пет, наместо седум члена во својот состав. Конечната одлука да остане бројот на членови непроменет беше резултат на политички договор за застапеност на двајца наместо еден член од помалата етничка заедница во Македонија. Молчеа тогаш (или не беа заинтересирани за евентуалните последици од ваквото политичко договарање) многубројните критичари, аналитичари и антикорупционери. Небитен се чинеше бројот на членови на ДКСК. И буџетското оптоварување никому не претставуваше проблем. Затоа, пак, се возбуди јавноста кога пронајде сватовска врска помеѓу еден од новоизбраните членови со претседателот на Собранието. Да бидеме искрени: се знаеше дека понудата ќе дојде од страна на коалицискиот партнер и ќе биде работа на договор бидејќи самите законски решенија (5:2) беа и останаа политички договор. Но, да бидеме и чесни: легалитетот е запазен, во конкретниов случај на сродство по сватовство нема законска пречка за избор на член на ДКСК согласно со дефинициите во Законот за спречување на корупција и во Законот за семејство. За својот легитимитет, овој член на ДКСК ќе мора постојано да се бори, да го докажува и потврдува во текот на целиот свој мандат. Да го докажува двојно или тројно повеќе од останатите членови. Врз него паѓа големо бреме, но јас сакам да верувам дека конечно добивме Антикорупциска комисија која ќе успее да се справи со силните предизвици.

Транспарентноста на нејзината работа е еднакво важна, како и стручноста и компетенциите на нејзините членови. Со нетрпение јавноста очекува да слушне за постапките и истражните дејствија на Антикорупциска. Прес-конференции одамна немало, но тие не можат и не смеат да бидат единствен извор на информирање на граѓаните. Очекуваме на веб-страницата да ги видиме сите одлуки на Комисијата со нивните образложенија, дневниот ред на седниците, присуство на новинари и невладини организации на нејзините седници и сл. Се разбира, сето тоа со усул, да не се отиде во друга крајност и ДКСК да се претвори во пи-ар атракција, занимација за масите. Јавноста во работата на ДКСК треба да служи како нејзин коректив, супервизор и поддржувач во борбата против корупцијата.

Има и други важни предуслови за ефикасна и ефективна работа на Антикорупциската комисија за кои воопшто не се говори во јавноста бидејќи немаат спектакуларен призвук каков што имаат личните квалификации на избраните функционери. Така, малкумина најверојатно знаат, а уште помалку сакаат да знаат, дека на ДКСК ѝ се потребни нови работни простории. За да може да одржува јавни седници со присуство на новинари, невладини организации, експерти и сл.; за да може да ја смести и употребува компјутерската опрема која е донирана од меѓународната заедница, а за која во постојните простории нема место; за да може да спроведува истражни дејствија, да повикува на разговор носители на јавни функции, да бара нивни изјави итн. Тоа е прашање на кое властите мора веднаш да му обрнат сериозно внимание и за Антикорупциската комисија да се изнајдат соодветни простории за работа. Или обратно: власт која не обезбедува услови за работа на телото за спречување на корупција, значи дека не сака таа да биде спречена!

Понатаму, се чини на општо задоволство, за нови членови на комисијата избрани се двајца исклучително компетентни и искусни членови на стручната служба на ДКСК, кои се во неа од нејзиното основање. Тоа значи дека стручната служба е намалена, а новиот закон ѝ ги зголемува надлежностите. Несомнено, потребно е нејзино јакнење, и кадровско и материјално. На ова државата не смее да штеди. Та, не штедеше за заменици-директори на јавни претпријатија, зарем ќе штеди на вработувања и плати на стручните служби што треба да водат постапки против конфликт на интереси на политичари?

На крајот, сериозен предизвик за новите членови ќе биде нивниот пристап кон предизборните вработувања. Но, да не ги мешаме лончињата. Антикорупциска во ниту една држава не поништува конкурси или вработувања во јавен или приватен сектор. Нивна работа е да се занимаваат со интегритетот на носителите на јавни функции. Во случајов, со интегритетот на пратениците. Оттука, во нормални држави јавното укажување, опомената, укорот на Антикорупциска комисија кон пратеник, министер, директор и сл., за нивно неетичко однесување е сериозна шлаканица во образ. На оние кои го имаат, се разбира. Изречен прекршок од Антикорупциска за конфликт на интереси на носител на јавна функција не останува само срам за него, туку е и сигнал за властите за негово отповикување. На крајот, добро сработен предмет од Антикорупциска и испратен до јавното обвинителство треба да биде обврска за обвинителството за понатамошно постапување, а не обична информација која ќе се складира по архивските полици.

Изминативе два-три дена по социјалните мрежи беа споделени толкав број коментари, аргументи, контрааргументи, анегдоти и извици на незадоволство на граѓаните што ДКСК не смее да ги игнорира. Но, ако антикорупционерите одлучат да се позанимаваат со оваа тема, нека го направат тоа темелно, стручно и искрено, за разлика од одредени експерти што периодов се изнамачивме да ги гледаме на дебатни емисии каде што многу зборуваат, а ништо не кажуваат. Тоа го прават за да ѝ се допаднат на власта. Не само на оваа, на секоја. Антикорупциска не треба да им се допаѓа на властите. Независно што тие ја избираат. Антикорупциска треба да биде коректив, опоменувач, укажувач на власта. Разумната власт ќе слуша и ќе се коригира. Неразумната, ќе падне!