Ангеловска-Бежоска: Долгорочен економски раст преку здрави структурни политики


Гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска на годишната конференција за европска економска интеграција во Виена порача дека долгорочен економски раст може да има само со здрави структурни политики.

– И покрај изразено приспособливата политика во посткризниот период, реалната конвергенција во земјите од регионот на Централна и Југоисточна Европа е забавена, што упатува дека монетарната политика не може да биде супститут за здрави структурни политики коишто се неопходни за зголемување на потенцијалот за долгорочен раст на економиите, истакна Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата за улогата на монетарната политика во процесот на реална конвергенција на економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) кон оние од еврозоната.

Во своето излагање, гувернерката на НБРМ истакна дека улогата на монетарната политика, првенствено треба да се однесува на превенција од ранливости во економијата и одржување на ценовната и финансиската стабилност, како неопходни предуслови за побрз раст. Посебен акцент во излагањето стави на постепеното исцрпување на просторот за делување на монетарната и фискалната политика и на потребата за постојано спроведување структурни и институционални реформи коишто ќе овозможат побрза и одржлива конвергенција.

Од НБРМ информираат дека на дебатата со гувернерите на централните банки на Романија и Бугарија, кои исто така учествувале на панел-дискусијата, биле разгледани искуствата и предизвиците во процесот на реална конвергенција на земјите во регионот. Во рамки на дискусијата станало збор и за различните искуства на земјите, во зависност од избраната монетарна стратегија, како и за главните предизвици во контекст на започнатиот глобален циклус на раст на каматните стапки. Акцентот бил ставен и на дискусиите околу јавната поддршка во Романија и Бугарија како земји членки на Европската Унија, за усвојување на еврото.

Конференцијата за европска економска интеграција којашто изминатите два дена се одржуваше во Виена е еден од најзначајните традиционални настани во централнобанкарската заедница на коишто се разговара за прашања клучни за европската економија.

Гувернерката Ангелоска-Бежоска, која, како што информира НБРМ, била единствен висок претставник на институција на земја која не е членка на ЕУ, активно се вклучила и во дискусијата за други прашања коишто биле отворени во рамки на конференциските сесии.

Ангеловска-Бежоска остварила и повеќе билатерални средби со гувернери и претставници на централни банки, меѓународни финансиски организации и институции и со професори и истражувачи на универзитети и истражувачки центри.