Александер Стуб се кандидира за претседател на Европската комисија
Белгија-Поранешниот фински министер за надворешни работи и поранешен европратеник сака да биде кандидатот на Европската Народна Партија (ЕПП) за иден претседател на Европската комисија.
Во писмо испратено до европската демохристијанска партија еден месец пред конгресот на оваа партија, на кој делегатите ќе го бираат ниниот кандидат, Стуб порачува дека како кандидат ќе ги брани фундаменталните вредности на Европската Унија: демократијата, еднаквоста, владеењето на правото, човековите права и правата на малцинствата.
Стуб додава дека европските вредности и либералните вредности на европската десница се “под напад“ од надвор и од внатре, и смета дека треба да се “застане на барикадите“ и да се одбранат овие вредности. Со ова, Финецот индиректно се осврнува на внатрешната битка во ЕПП помеѓу традиционалната десница и популистичката десница предводена од политички фигури како унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Токму оваа битка ќе биде најтешката во изборната кампања за ЕПП.
ЕПП е најголемата и највлијателната политичка група во ЕУ, но судирот со Орбан создаде криза во редовите на оваа партија. Европската Комисија отвори две судски процедури против Орбан, а Европскиот Парламент неодамна гласаше за суспензија на правото на глас во Советот за Будимпешта. Сепак, ЕПП не го исклучи Орбан од своите редови, иако проминентни членови на партијата бараат таква мерка. Од друга страна, таков чекор носи ризик да се ослаби партијата со губењето на членовите од Фидес. Напуштањето на Фидес би можело со себе да потегне и други заминувања од истомисленици на Орбан, како партијата на Словенецот Јанез Јанша.
На претстојниот конгрес кандидатура најави и сегашниот шеф на парламентарната група на ЕПП, Германецот Манфред Вебер, кој иако го критикуваше Орбан одби да го исклучи од партијата.
Конгресот на ЕПП ќе се одржи на 7 и 8 ноември во Хелсинки.