Албанците не сакаат „Македонија“ без превод


Десетина албански интелектуалци наскоро до премиерот Зоран Заев ќе испратат отворено барање да го вклучи и албанскиот фактор во преговорите околу името со нашиот јужен сосед, Грција. Според нив, новото име на Македонија треба да ја отсликува мултиетничката реалност на земјава и секакво спротивно решение ќе биде одбиено од страна на Албанците.

За медиумите претставникот на форумот на албанските интелектуалци, Шпетим Положани, објаснувајќи дел од барањата, рече дека Албанците имаат историско право да бидат вклучени во тимот и да бидат консултирани за крајното решение.

„Албанците имаат историска легитимност во овие простори и треба да бидат дел од екипата што преговара за изнаоѓање решение за името со Грција. Нас не ни пречи да остане уставното име, не ни пречи ни ако се донесе ново име како решение. Но од голема важност е со евентуалното ново име да не се идентификуваат само Македонците. Ние сме во фаза во која подготвуваме меморандум преку кој ќе побараме албанските експерти да бидат дел од преговорите бидејќи ДУИ им дава бланко-поддршка на преговарачите. Ако новото име не ја отслика мултиетничката реалност, тогаш се плашам дека земјава ќе се соочи со конфликтна иднина“, рече Положани, кој истовремено упати остри критики до партијата на Али Ахмети за која рече дека е главниот виновник за пасивноста на албанската страна во процесот на преговори за името со Грција.

Но со ставот на форумот на албанските интелектуалци не се согласува новинарот и политички аналитичар Џенис Сулимани. Негова проценка е дека вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи ги претставува, меѓу другото, ставовите на Албанците што живеат во Македонија.
„Во процесот на изнаоѓање на решение за името активен е вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, и не можеме да речеме дека албанската страна не е активно опфатена во овој процес. Вицепремиерот, со цел зајакнување на билатералните односи, се сретна и со грчката страна, а ова секако дека има свој ефект во државната дипломатија“, изјави Сулимани.

Албанските интелектуалци не се единствените што се чувствуваат запоставено и кои бараат поактивна улога во преговорите со Грција. И албанската опозиција на чело со Алијансата за Албанците неколкупати го потврди ставот дека за нив е неприфатливо ако Владата го прифати името „Славо Македонија“ како крајно решение.
„Ние како Алијанса за Албанците сме против тенденциите за славизирање на името и сме против името ‘Славо Македонија’. Исто така сме против некои географски предлози кои ќе бидат напишани само на македонски јазик и кои можат да се слушнат од дипломатите“, изјави првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

Но од Демократската унија за интеграција не го делат мислењето на албанската опозиција. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој е претставник на ДУИ, во последните јавни настапи порача дека освен што Албанците се дел од преговорите, тие со големо внимание го следат целиот процес, при што решението треба да се заснова на демографската реалност на Македонија. Ова прашање, според Османи, е од егзистенцијална важност за сите граѓани што живеат во Македонија, вклучувајќи ги тука и Албанците.
Оваа недела започнаа вистинските преговори, при што двајцата министри за надворешни работи, Никос Коѕиас и Никола Димитров, во канцелариите на Обединетите нации во Виена имаа маратонска шестчасовна средба од која не се појавија информации за кои предлози се разговарало.

Блерим Исмаили