Албанската полиција заплени еден тон марихуана


Албанската полиција спречи обид за меѓународна трговија со голема количина мархиуана, чија крајна дестинација била Италија.

– Во акцијата на полицијата од Фиер во соработка со партнерите на Гуарда ди Финанца запленети се околу илјада килограми марихуана. Запленет е и голем моторен чамец, на кој била натоварена дрогата. Кога полицијата го забележала чамецот на неколку милји во водите на Јонско Море, кај Валона, шверцерите побегнале во правец на брегот и застанале кај селото Бишан, каде што реката Вјоса се влева во морето, стои во полициското соопштение.

Нарко шверцерите успеале да и избегаат на полицијата.

Во меѓувреме, италијанската полиција уапсила 32-годишен Албанец во чиј камион биле откриени 155 килограми марихуана и помала количина хашиш, која на нарко пазарот, според полицијата, би достигнала вредност од милион евра. На уапсениот му се одземени три мобилни телефони и поголем износ на пари. Дрогата била прошверцувана од Албанија.

Италијанската полиција деновиве заплени 830 килограми дрога (564 килограми марихуана и 266 килограми хашиш) во магацин на Албанец.

Лани, според полициската статистика, биле запленети 78 тони марихуана прошверцувани од Албанија.