Албанската опозиција повика на граѓанска непослушност


Најголемата опозициска сила во Албанија, Демократската партија, ја отфрли идејата за бојкот на Парламентот и одлучи да организира „народни протести против Владата“ и повика на граѓанска непослушност.

Протестите, според опозцијата, ќе бидат против даноците, ограбувањето на Албанците и криминалот.

– Земјата е предводена од банда која ги ограбува, краде и пљачкосува Албанците. Кукс тоа јасно го покажа. Апелираме на безкомпромисна граѓанска непослушност. Да ги блокираме патиштата, да не плаќаме зголемени даноци, данок на имот, патарина на „Патот на нацијата“, такса за вода и струја, изјави лидерот на демократите Љуљзим Баша на тркалезната маса на која присуствуваа и помалите опозициски партии.

Сепак, според демократите, излезот не е само во економски барања, туку на граѓаните треба да им се даде нова понуда за политичко решение.

– Тие делуваат како во диктатурата. Ние повеќе нема да бидеме дел од овој театар. Стабилноста на криминалот во Албанја не се прифаќа, туку единствено демократија, посочи Баша.

Тој нагласи дека на албанскиот премиер Еди Рама јасно му доставува до знаење дека опозицијата ги поддржува барањата на оние кои протестираат против воведување патарина на автопатот Тирана-Кукс-граничен премин Морина, односно „Патот на нацијата“, што ги поврзува Албанија и Косово, како и за ослободување на притворените од саботните инциденти кај тунелот Калимаш, кога беа запалени контролните кабини на пунктот за наплата на патарина.