Албанската Влада се задолжи со еврообврзница од 500 милиони евра
Албанската Влада преку издавање еврообврзница на меѓународниот пазар ја задолжи државата со 500 милиони евра.
Парите ќе се користат за финансирање на Буџетот и за рефинансирање на стари долгови. Еврообцрзницата има рок да доспевање од седум години со каматна стапка од 3,5 проценти.
Алабснкиот премиерот Еди Рама добивањето позајмица од 500 милиони евра го оцени како успех, додавајќи дека оваа обврзница, за разлика од претходните, е со многу поповолна камата.
– Пазарот одговори јасно. Пред четири години Албанија плаќаше 5,75 проценти за пет години. Сега добивме 500 милиони евра за рок од седум години и камата од 3,5 проценти. На Албанија се гледа како на една сигурна инвестиција, благодарение на ветените трансформациски реформи. Уште многу ќе направиме, напиша Рама на Твитер.
Албанскиот министер за финансии Арбен Ахметај, од Париз порача дека оваа позајмица е „рефинансирачки инструмент“ и оти не подразбира понатамишно зголемување на јавниот долг на земјата.
– Пазарите ја тестираа албанската економија и реформите. Храбрите и неопходни реформи се наградени. Албанија станува нормална земја, каде што може да се инвестира без страв и долгорочно, изјави Ахметај.
Ова е третпат како Албанија се задолжува со еврообврзница. Првпат во 2010 година, кога позајми 300 милиони евра и вторпат во 2015 година кога обебзеди позајмица од 450 милиони евра со камата од 5,75 проценти, а кој треба да ја подмири во 2020 година.