Алаѓозовски: Личните трошоци не надминуваат месечно ниту 6.000 денари


Министерот за култура Роберт Алаѓозовски вели дека трошоците кои му се припишуваат нему, изведени од алатката за транспарентност која ја промовираше Владата, се вкупни трошоци во рамките на министерството. Тој вели дека од сумата од речиси 9.000 евра за угостителски услугии не се издвоени неговите лични трошоци кои не надминуваат 6.000 денари месечно.

– Расчленетите ставки од алатката за транспарентност беа прикажани како групен трошок и сите беа поднесени под графата: трошења во кафеани. Во алатката за транспарентност има три типа на трошоци – угостителски услуги во странство, угостителски услуги надвор од Министерството за култура и беа прикажани трошоците направени во бифето на Министерството за култура. Во бифето не постои исхрана, туку само пијалаци. Во таа смисла, постои спецификација и административните службеници имаат направено превид што ги немаат издвоено личните трошоци на министерот од кумулираните трошоци во рамки на Министерството за култура, рече Алаѓозовски пред започнувањето на дебатат за рестартирање на музичката продукција при МРТ..

Додаде дека според одлуката за користење репрезентација во Министеството, министерот за култура ги потпишува и сите останати трошоци на, како што рече, десетина деловни и работни состаноци на работни тела, совети (Совет за култура и Совет за македонски јазик) и одбори за награди кои се случуваат во Министерството за култура.

– На тие состаноци јас не ни присуствувам, но јас ги парафирам, ги потпишувам нивните трошоци кои се најчесто за кафиња, вода и негазирани сокови, рече Алаѓозовски и додаде дека во првите шест месеци имал зголемен број активности и средби со амбасадори, уметници и субјекти од културата.

– Поради тоа, овие трошоци на репрезентација се малку зголемени, но тоа воопшто не е нешто што е личен трошок на министерот. Личните трошоци не се ни по 6.000 денари месечно за период од овие шест месеци – вели тој.

Поради ова недоразбирање во јавноста, рече Алаѓозовски, во Министерството за култура ќе воведат построг правилник за користење на безалкхолоните пијалаци со цел и износот на таа фактура да биде понизок.