Алаѓозовски во Пловдив, се договара македонското претставување во европската културна престолнина


Министерот за култура Роберт Алаѓозовски престојува во работна посета на Пловдив, Република Бугарија, на покана на пловдивскиот градоначалник Иван Тотев и бугарското Министерството за култура.

Цел на посетата на министерот Алаѓозовски е да ја договори програмата, присуството и претставувањето на Македонија во рамки на програмата на Пловдив – Европски град на културата за 2019 година.

Во рамки на посетата тој ќе одржи серија работни состаноци и меѓународни настани што се реализираат деновиве за промовирање на содржините што ќе ги понуди културната престолнина на Европа за 2019 година.

Тој вчера оствари средба со неговиот домаќин, градоначалникот Тотев, со кој разговараа за можностите Македонија и нашите уметници да добијат одлични услови за претставување на македонската култура во Пловдив идната година.

Министерот Алаѓозовски оствари срдечна средба и со заменик-министерката за култура на Бугарија, Амелија Гешева, со која денес ќе разговараат подетално за конкретните чекори за интензивирање на соработката и во други сфери.

Ќе се разгледуваат деталите на заедничкото чествување на Св. Кирил и Методиј и културната програма за Рим, соработката во Европската мрежа Традуки, во заштитата на културното наследство, за Балканскиот ТВ фонд и други иницијативи.

– Предмет на заеднички интерес и редовна комуникација која се одвива помеѓу раководителите на двете министерства е заеднички настап пред европски фондови и создавање финансиски механизми за регионална културна соработка. На овие теми во сабота ќе следува работна средба помеѓу министрите Боил Банов и Алаѓозовски, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Алаѓозовски и неговите домаќини, вчера учествуваа и говореа на отворањето на Меѓународниот фестивал на поезијата „Орфеј“, што е промотивен настан за претставување на Пловдив како Европска културна престолнина за 2019-та година.

Во обраќањето Алаѓозовски рече дека поетите се гласници на вистината, тие заслужуваат поддршка да чекорат цврсто и храбро и преку моќта на зборот постојано да ги предизвикуваат, отвораат и изоструваат нашите перцепции и хоризонти.

Доаѓајќи од земја во чија уметност поезијата има важно место и каде се организира една од најзначајните светски поетски манифестации – Струшките вечери на поезијата, а и Манифестацијата Деновите на Наим со која овој фестивал соработува, Алаѓозовски истакна дека му е драго што е на Меѓународниот фестивал на поезијата „Орфеј“, кој е предвесник на разновидните настани што ќе се случуваат тука идната година, обединети во желбата на размена на контакти, идеи, инспирација, искуства и можности за креативност.

– Поезијата, литературата, книгите – се сведок на времето, на човечките капацитети и напори да создаваат реални и имагинарни светови и да пренесуваат пораки за богатството на животот, меѓусебното разбирање и толеранција. Тие се мисионери на светлината на знаењето, симбол на цивилизациската надеж, стремеж за напредок и дијалог што треба да го негуваме и браниме како суштина на човековото постоење. Затоа е одлична идејата овој фестивал да биде предвесник на визиите и погледите на уметноста кон подобра, заедничка иднина што очекуваме да ги видиме идната година во Пловдив како европска културна престолнина“, истакна министерот Алаѓозовски на отворањето на Меѓународниот фестивал на поезијата во Пловдив