Актерот Никола Ристановски порача од Охрид: Уметноста нема да се предаде


Уметноста нема да се предаде, порача синоќа актерот Никола Ристановски во пораката од уметниците која традиционално се чита на свеченото отварање на Охридско лето во Античкиот театар.

-Уметноста нема да го спаси светот.Сите нејзини музи веројатно не можат да го направат многу подобар, ниту многу поправеден животот во него. Но кога на момент би помислиле дека местото не и е сега и овде, би станало многу потешко.

Убавото, исто како и доброто, веројатно се самo идеали. Животот е она што навистина ни се случува. Не самo низ нашите потценети победи, туку и низ малите среќи и несреќи, таги и радости, натоварени на нашите кревки човечки плеќи. Низ длабокото вдишување наутро и краткиот здив притиснат од немир пред заспивање. Чувства,сеќавања,љубов,пријателство, разговор, молчење, слушање, обичен живот.Сето тоа, и сè помеѓу тоа, што понекогаш толку многу зависи од нас самите.Такви какви што сме или можеби такви какви што би можеле да бидеме, не толку силни за да си дозволиме нетрпеливост кон другиот, но и не толку слаби за да имаме доволо причини за гнев.Гневот не е доволен.

Уметноста можеби нема да го спаси светот, но може да нè поучи како да останеме благодарни и возвишени во несовршеното. Исправени пред праќите и стрелите на бесната судбина, и мудри за да разбереме дека збеснетиот космос или разулавеното општество не ни влегуваат дома во кујна преку отворениот прозорец, туку напротив, оттаму ни излегуваат, за повторно некогаш да ни се вратат низ неправдата зготвена од лажните богови или низ насилството на нивните завладеани пророци,чија што претстава за самите себеси напати станува поважна од која било универзална или човечка вистина, дури и од онаа, најличната.

Уметноста нема да се предаде.Таа е последната хумана интернационала.Нејзината палуба е последното место каде навистина сме заедно.На нејзиниот кораб се распнати едрата на убавината, дарбата, прозрачноста, слободата и едноставната верба.Верба на дете што некогаш само за миг ја прекинува својата детска игра за да откине парче леб од ноќвите, колку да не заборави на животот.На оној кој навистина се случува.

Вонвременскиот Охрид е нејзино природно пристаниште, рече синоќа Ристановски.

Драмскиот дел од програмата на годинашното „Охридско лето“ почнува вечер со претставата „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Софија Ристеска-Петрушева и во изведба на актерска екипа на НУЦК „Народен театар“ од Охрид.

Престижниот фестивал ќе трае до 20 август со над 40 планирани концерти, театарски претстави и изложби низ Охрид.