Актерката Арсовска: Премиерот бара да се повлечат решенија за директори


Актерката од Драмски театар – Скопје, Сања Арсовска, на својот официјален фејсбук профил напиша дека премиерот Зоран Заев барал да се поништат решенија за директори, кои веќе биле донесени од комисија и потпишани од министерот за култура.

„Се обидувам да си објаснам како е можно Премиер на држава, кој ниту разбира, ниту го интересира уметност, да се јави во Министерство за култура и да поништува решенија за директори веќе донесени од комисија и потпишани од министер“, наведува во објавата Арсовска, која додава дека со ваква постапка се доведува во прашање имиџот на министерството предодредено да ја извршува таа работа.

Според актерката, ваквата постапка е јасна порака до уметниците и сите млади надежи дека уметничките потенцијали може, како што вели, да си ги фрлат во бунар.

Дополнително, во коментар на истата објава, актерката појаснува дека во петокот бил краен рок за објавување на резултати од конкурс за директори, за кои решенијата веќе биле изготвени, но во и последен момент повлечени и тоа по барање на премиерот.