Ако нема избори, ќе има ребаланс


Со намалена проекција за економски раст за годинава од 3,2 на 2,8 проценти и за половина процент намалени и приходи и расходи на годинешниот буџет, министерот за финансии Драган Тевдовски се подготвува да го брани ребалансот пред пратениците. Дали тоа ќе го направи зависи од исходот на седницата за уставните измени и дали Собранието ќе продолжи со работа или ќе се оди на избори.

„Ревидирана е проекцијата за раст на БДП на 2,8 отсто. Тоа се прави заради блокадата за влез во НАТО и ЕУ од страна на опозицијата. Интеграцијата на земјата носи безбедност и сигурност, кои се најважни при носење одлуки од страна на инвеститорите. Неизвесноста може негативно да влијае на економијата“, ѝ префрли Тевдовски на опозицијата за опструкциите.

Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 30 милиони евра за фондовите за здравствено и за пензиско осигурување, како и за Агенцијата за вработување, и треба да обезбедат непречено реализирање на обврските и намалување на долговите на здравствениот систем. Но и да не се усвои ребалансот, нема опасност за финансирање на фондовите, рече министерот Тевдовски.

„Ако не се усвои ребалансот, нема да се намалат долговите на јавното здравство. Пензиите, во секоја варијанта, ќе бидат целосно и навремено исплаќани, тие се наш приоритет“, објасни Тевдовски.

Парите за капиталните инвестиции, кои годинава исклучително слабо се реализираат, Владата ги крати за 92 милиони евра, од првично планираните 390 милиони евра. Се намалуваат пари кај оние проекти каде што е забележана забавена динамика, и тоа главно кај проектите финансирани со кредити, објасни Тевдовски. Најголеми меѓу нив се гасоводот и откажаниот Клинички центар. Очекувањата се дека вака скратените инвестиции ќе се реализираат, оти крајот на годината, по правило, се покажува најголема активност.

Ребалансот обезбедува дополнителни 3,2 милиони евра за политичките партии и истражувачки центри, како и пари за ОТА, до крајот на годината. Нивото на буџетски дефицит останува 2,7 проценти, како задржување на определбата за постепена фискална консолидација.

И општините може да извисат

Општините ќе добијат околу 50 милиони евра за да ги платат доспеаните долгови кои им го блокираат работењето, а пари ќе има и за долговите на општинските училишта, градинки и домови на кутура, но само ако не се распушти актуелниот собраниски состав.

„Најголема реалокација во овој ребаланс има за општините. Се обезбедува финансиска поддршка од 3,020 милијарди денари со цел намалување на доспените, а неплатени обврски на општините и единките корисници основани од локалната самоуправа, од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита“, објасни министерот за финансии.

За тоа на кој начин ќе се реализира финансиската поддршка, Тевдовски рече дека се изготвува закон, а ќе има и регулатива што ќе им оневозможи на општините понатаму да трупаат обврски што не можат да ги платат.

„Законите се во финална фаза на изработка, а ќе бидат доставени до Собранието доколку на пленарната седница биде изгласан почетокот на постапката за уставни промени. Во спротивно, ќе се распишат предвремени парламентарни избори и овој ребаланс на Буџетот нема да биде можно да биде усвоен од собранието“, укажа министерот додавајќи дека ако се распишат предвремени парламентарни избори можноста за помош на општините ќе се изгуби.

„Во тој случај, ребалансот нема да биде во сила, а во предлог-буџетот за 2019 година, кој е во фаза на изработка, не постои фискален простор за финансиска поддршка на општините“, нагласи Тевдовски.

Нема ставка, ама има пари за избори

Во ребалансот на Буџетот нема ставка за избори, но мистерот Тевдовски вели дека има начин да се финансираат дури и да нема ребаланс.

„И досега имало предвремени избори, а средства обично се обезбедуваат од ставката функции на држава“, рече министерот.

Министерството ги завршило состаноците со сите буџетски корисници за Буџетот за 2019 и Владата ќе го достави во законскиот рок до Собранието. Но, доколку има избори, министерството подготвило сценарија за дејствување.

„Дури и да влеземе во времено финансирање во 2019 година, затоа што не е усвоен буџетот, државата своите обврски ќе ги исплатува“, потврди Тевдовски.

За Скопје-Блаце се прави техничка документација

Ребалансот на буџетот нема да влијае врз изградбата на автопатот Скопје-Блаце затоа што Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) не е буџетски корисник од 2013 година, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

„Автопатот Скопје-Блаце е еден од приоритетите кои настојуваме да ги реализираме како влада. Во моментов се изработува техничката документација, а побаравме и финансирање на автопатот од страна на Европската банка за обнова и развој, со што ги преземаме сите активност за да се реализира“, изјави Тевдовски.

ВМРО-ДПМНЕ: Овој ребаланс е класично лицемерство

Бизарно е и шизофрено префрлањето на вината за потфрлањето на економскиот раст од страна на министерот за финансии Тевдовски врз опозицијата, реагираше вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Лошите резултати во економијата се директна последица на лошите економски политики на СДСМ. Недозволиво е реализацијата на капитални инвестиции за осум месеци да биде 23,3%, недозволиво е да имаме пад во градежништвото од околу 30%, недозволиво е државата да се задолжува енормно, а граѓаните да немаат реален бенефит од тоа“, забележа ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата укажува дека овој ребаланс е класично лицемерство од страна на владата бидејќи го предлага, а и самата не знае дали истиот ќе стигне на собраниска седница, со што дополнително ја зголемува неизвесноста кај економските субјекти, која веќе е доволно висока поради вештачката криза во која СДСМ ја втурна државата, со неоткажувањето од правно – политички мртвиот договор за промена на името.

Анита Салтировска