Ако ве снима дрон, пријавете го


Во Македонија има над 1.000 дронови. Од нив, само 53 се регистрирани во Агенцијата за цивилно воздухопловство. Ама уште нема центар за обука на пилоти на дронови а ако наскоро не се оформи, во Македонија ќе смеат да летаат само оние дронови чии пилоти имаат странски лиценци. Немањето тренинг центар не чини и од безбедносен аспект, оти сега никој не знае дали тој што го управува дронот може да извади лекарско уверение.

„ Регулативата предвидува проверка на здравствената состојба за добивање дозвола за пилот на воздухоплов без екипаж. Тој што сака да управува дрон ќе мора да помине теоретска и практична обука во овластен школски центар, според одобрена програма и да има над 18 години. Но, ние како Агенција за цивилно воздухопловство немаме право да формираме школски центар, бидејќи вршиме надзор. Може да го отвори било која фирма, увозник на дронови, аероклуб, М-НАВ. Тој центар треба да е впишан во Централен регистар, да има простории, опрема, водухоплови без екипаж, овластени инструктори. Во моментов има пилоти на дронови, македонски граѓани, кои имаат дозволи од Бугарија, Албанија, Словенија“, вели Александар Момироски, инспектор за безбедност во Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ).

Со сѐ поголемиот продор на дроновите во речиси сите сфери на живеењето, на удар е приватноста. Есента 2016 во една приградска населба, бил управуван дрон над приватна куќа, газдата го ‘приземјил’ пукајќи во него, а утредента пријавил во Агенцијата дека му ја снимале сопругата што се шетала во дворот.

„Висок ризик од нарушување на приватноста постои. Ако забележите дека ве снима дрон, може да пријавите во АЦВ неовластено летање на воздухоплов без екипаж. Дискрецијата на корисниците е обезбедена во целост“, објаснува директорот на АЦВ, Горан Јандреоски.

Со августовските измени на регулативата за летање на дроновите, се заоструваат условите за регистрирање на леталата. Во Агенцијата мора да се пријават дроновите со поголема тежина од 0,5 килограми но и доколку летаат побрзо од 19 метри во секунда. Секој добива регистарска ознака која е поврзана со идентификационен код, којшто е залепен на воздухопловот и преку УРЛ патека е поврзан со веб-страната на АЦВ.

„Ние сме први во регионот во делот за регистрирање на дроновите, нивна најава и следење во реално време преку софтверско решение. Летовите на дроновите се најавуваат во Агенцијата за цивилно воздухопловство од 6 мај. Пилотите тоа треба да го направат, согласно регулативата, 24 часа пред оперирањето. Но, сме одобриле летови и на најави добиени еден час порано“, посочува Момироски.

Во вториот квартал од 2018 на територијата на Македонија имало повеќе од 200 најавени летања. Најмногу дронови оперирале во Скопје-28 отсто, потоа Охрид-17 проценти. Во Скопје најмногу дронови летаат во централното градско подрачје, во реон 4, каде што треба и дополнителни одобренија од МВР и од Министерството за одбрана. Најголем дел од летањата се во викенд, во сабота.

„Лесно ни е да ги следиме тие дронови што се регистрирани кај нас. Но нивото на свесност не е на задоволително ниво. Што се однесува до странците, мора задолжително да имаат одобрение од Министерство за одбрана. Тие плаќаат такса од околу 150 евра, треба да бидат регистрирани во државата од каде доаѓаат и да имаат пилотска лиценца“, укажува Јандреоски.

Освен инспектори од Агенцијата за цивилно воздухопловство, дроновите можат да ги контролираат овластени службени лица од Министерството за одбрана и од МВР. Секој од нив може да направи верификација со телефон.

„Во парк може да пријде полицаец и на граѓанин што лета дрон да го праша дали го има пријавено летот. Потоа може да му побара да го спушти дронот и со телефонот да го прочита идентификациониот код, кој ќе го одведе на веб страната на АЦВ, каде ќе провери дали навистина летот е најавен. Ако не е, треба да следи казна, но во моментов Агенцијата уште не казнува, зашто сега е период на подготовка на граѓаните“, вели Јандреоски.

А по закон, казните се од 600 евра па нагоре. За регистрирање на дроновите, македонските граѓани плаќаат само по 25 евра. Македонските услови, според воздухопловните власти, се едни од пофлексибилните.

„Во Србија треба да се најави летањето 5 дена порано, и при оперирањето треба да присуствува овластено лице од МВР или од нивната агенција. Сам оператор на дрон не може да оперира во Србија, а кај нас имаат обврска само да го пријават летот“, вели Момироски.

Досега биле фатени неколку случаи на неовластено снимање со дрон. За да се превенираат несакани случувања на 2 август на Мечкин камен, АЦВ соработувала со амбасадата на САД.

„Бидејќи имаше висок функционер на САД, сакаа да се информираат какви воздухоплови ќе летаат во Крушево. Побараа од нас информација. Беа најавени 2 дрона, но МРТВ се откажа 2  часа пред оперирање, и остана само дронот на ‘Сител’“, објаснија од АЦВ.

Агенцијата мора да ги чува податоците за летовите на дроновите 72 часа по операцијата, согласно законот за воздухопловни несреќи. Следна активност што ја најавуваат е задолжително дронот да поседува џи-пи-ес локатор, за полесна идентификација. Подготвуваат и работен состанок со увозниците на дронови, за воведување обврска при продажба на дроновите, да се информира купецот да го пријави во АЦВ.

Анита Салтировска