Азески бара амбасадор во Германија од приватниот сектор


Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, му забележа на премиерот Зоран Заев на дипломатската практика која не му оди во полза на бизнисот.

„Не може во земја со која имаме четири милијарди евра размена (мислејќи на Германија, н.з.) да не го знаеме амбасадорот и да не доаѓа од редот на приватниот сектор“, му рече Азески на Заев. Одговарајќи, премиерот Заев рече дека се надева оти министерот Никола Димитров и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов конечно ќе ги усогласат ставовите и дека не се многу далеку.

„Дефинитивно, четири милијарди евра трговска размена е нешто што треба да го чуваме во стаклено ѕвоно и да расте. Тоа има директен импакт врз целата економија. Јас верувам дека и амбасадорите, економските аташеа и економските министри ќе бидат сериозна помош за уште поголема економска поврзаност со Германија“, рече Заев.

Трибината за перспективите на македонската економија преку членството во ЕУ и НАТО, ја организираше Стопанската комора на Македонија. (А.С.)