Адвокатите ќе штрајкуваат ако се усвојат измените на Законот за нотаријат


Реакциите на адвокатите се спонтани и оправдани и се резултат на Предлог законот за нотаријат во кои се отстрануваат адвокатите, изјави претседателот на Адвокатската комора на Македонија, Никола Додевски во врска со најавите за штрајк.

Тој вели дека воопшто не би сакале да има потреба од штрајк.

– Адвокатската комора се обрати до Владата со барање да не се прифати овој Предлог, заради заштита на положбата на адвокатите и се надеваме на овој начин да се реши проблемот, истакнува Додевски.

На 28 февруари Додевски доставил допис до премиерот Зоран Заев, во кој е образложен процесот на измени и дополнувања на Законот за нотаријат, и во писмена форма се доставени сите предлози и забелешки на Адвокатската комора, како и целокупната коресподенција на Комората со Министерството за правда.

Со дописот, како што велат од Адвокатската комора, се бара средба на која, покрај опишаниот проблем би се разгледале и останатите проблеми со кои се соочува адвокатурата во Република Макеоднија.

Доколку Владата ги одобри законските измени со кои им се даваат поголеми права на нотарите, а се одземаат ингеренциите на адвокатите, тие најавија дека ќе почнат да штрајкуваат.

Законот за нотаријат беше донесен пред две години и вклучуваше задолжителното присуство на адвокат во определни постапки пред нотарот.