Адам Кубота, басист во Постмодерн џубокс: Ќе направиме винтиџ-шоу во Скопје
Третирајќи го винтиџ-стилот, а користејќи ги новите медиуми за промоција, „Постмодерн џубокс“ успеа да создаде публика ширум светот. Спојувањето на минатото и сегашноста за нив се покажува како вистински потег кој им донесе успех.
Музичката приказна ја градат на песни од Лејди Гага, „Вајт Страјпс“, „Рејдиохед“, па сè до Бритни Спирс и „Кренберис“, но преаранжирани во џез и свинг-варијанти, што создава уникатно доживување. Внимателно избраната сценографија, кореографија, костимографија, дијалозите, дозата хумор и актерските вештини на нивните настапи целосно ја доловуваат кабаре-атмосферата.
Претставуваат своевидна временска машина, која ќе ве транспортира назад во дваесеттите и триесеттите години, но преку денешни музички хитови.
Членовите „Постмодерн џубокс“ првпат ќе настапат кај нас на 14 декември, во Македонската филхармонија во организација на „Авалон продукција“.
Овој музички колектив брои повеќе инструменталисти и вокалисти, варирајќи на сцената во зависност од нумерата што се изведува. Разновидниот басист Адам Кубота е еден од оние кои ќе настапи на концертот во Скопје, па одблиску ни ја раскажува нивната приказна.
Секој бенд има своја уникатна сторија. Која е вашата? Како се создаде „Постмодерн џубокс“?
– Имавме навистина брановити почетоци. Сè започна во подрумот на Скот Бредли во Квинс, Њујорк. Бевме повеќемина музичари таа вечер, а Скот имаше одлични идеи за аранжмани на поп-песните од други изведувачи, па решивме да се обидеме. Скот беше сигурен во себе дека ако тоа што го снимаме го поставиме на интернет, односно на Јутјуб, дека ќе привлечеме внимание. Веруваше дека луѓето ќе го сакаат тоа и ќе почнат да го споделуваат меѓу пријателите. Ја преработивме и ја поставивме „Thrift Shop“, која ја отпеа Робин Адел Андерсон и резултатот беше милион прегледи. Тогаш навистина почна брзо да расте целата идеја што Скот ја имаше. Понатаму, со нови аранжмани на вирални хитови како „We Can’t Stop“, „Creep“, „All About that Bass“ и „Royals“ почнавме ние да стануваме вирални. Така почна светот да дознава за нас и стартувамве и со првите турнеи, а сега веќе го шетаме и светот преку настапите.
Од „Вајт страјпс“, па до Бритни Спирс, како одлучувате која песна ќе ја преработите?
Тоа најчесто одлучуваат Скот и пејачите. Прво, пробуваат што би можело да се изведе, па она што ќе звучи најдобро се снима. Но најдобрите работи ги прави Скот преку своите аранжмани, тоа е она што е уникатно тука.
Да имате временска машина, каде би отишле, во која музичка декада?
Дефинитивно би се вратил шеесетите! Да ги гледам и слушам Мајлс Дејвис, Џими Хендрикс, „Бич бојс“, „Битлси“, Џон Колтрејн, Џенис Џоплин… Би ја надоплнувал вечно оваа листа.
Каква е комуникацијата меѓу вас на сцената?
Сите знаеме точно во секој момент кој што треба да направи. Секој го слуша секого, но најголемиот дел од комуникацијата покрај музиката се шегите.
Ова ќе биде ваш прв настап во Македонија, што да очекуваме?
Она што сте го погледнале на видеата ќе го видите и ќе го слушнете во живо со пет пејачи, пет инструменталисти и еден степ танчар. Ние ќе бидеме во винтиџ-стил и подготвуваме такво шоу, а убаво би било и публиката да биде во тој дух. Очекувајте го неочекуваното!
Ивана Настеска