Автобусите на одмор, граѓаните под напон


Нема автобуси, други што ќе дојдат не запираат, трети возат по стотина патници, дисплеите на постојките не функционираат, за некои дестинации воопшто нема директни линии, повторно се возат старите зглобни автобуси… Ова се генералните забелешки на скопјани во врска со јавниот градски превоз. Како и секоја зима, нивниот револт расте пропорциoнално со студот што ги обзема додека чекаат и по половина час да дојде автобус. Од ЈСП „Скопје“ демантираат дека дел од автобусите се на „зимски распуст“, додека приватните превозници признаваат дека не успеваат да го задоволат интересот на граѓаните, поради што, меѓудругото, е побарана промена на возниот ред.

Во вторникот вечерта околу 19 часот додека чекав автобус на ‘Рекорд’ во центарот на градот, сведок бев како два автобуса ’22’ воопшто не застанаа. Збеснавме сите, не ни беше јасно што се случува, по што дојде уште еден автобус. Му се нафрливме на возачот, тој се јави кај шефовите и праша што е работата и им се пожали дека вози сто лица, му беше страв да не се случи несреќа“, се жали еден од нашите читатели.

Жители на Аеродром тврдат дека се случува половина час да чекаат автобус „5“, па и “23“, кои некогаш доаѓаа и на три минути, додека директната линија кон Карпош – „15“, ја има уште поретко… Кон Градските гробишта „Бутел“ нема автобус, исто како и од Кисела Вода, Лисиче…

Проблемот е особено изразен после Нова година, кога почна училишниот и студентскиот распуст. Цели населби чекаат само на еден автобус или се случува цел час да нема, па во ист момент да дојдат три наеднаш“, реагираат скопјани.

Од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ негираат дека е намален бројот на автобуси што сообраќаат низ градот. Велат дека редовно известуваат за промените во возниот ред, како и дали важат посебните мерки за загадување кога се дозволува бесплатен превоз.

Не веруваме дека дисплеите не функционираат како што треба и дека автобусите не возат според тоа што го пишува, затоа што имаме центар од каде што се следат сите случувања, така што доколку некој не се придржува до зацртаното ќе си сноси последици“, тврдат од ЈСП „Скопје“.

Приватните превозници, пак, ги потврдуваат реакциите на граѓаните и велат дека се надеваат на брзо решавање на проблемот. По промената на градската власт и раководните структури во јавните претпријатија, се очекува забрзување на преговорите и промена на возниот ред.

Проблемите се видливи за сите и за нас, и за граѓаните, и за медиумите. Имаме помал број автобуси од потребното и со тој недостиг се соочуваме секојдневно. Не успеваме да ги превеземе граѓаните, тие се нервозни, се создава револт, автобусите доцнат… Од тие причини, инсистираме да се направи корекција со возните линии, особено таму каде што сите сме согласни дека работата е најкритична, а тоа може лесно да се види преку системот за број на патници. Тоа се линиите ’23’ и ‘9’. Проблемот е евидентен, трае најмалку една година, притисокот е голем. Измени во возниот ред беа најавени, но сѐ се стопираше поради локалните избори и промената на градската власт. Сега очекуваме интензивирање на преговорите. Ние ќе ја презентираме нашата визија, која веруваме ќе биде во корист за сите“, ни изјави Ленин Јовановски, претставник на „Слобода превоз“.

Спојувањето на Јавното сообраќајно претпријатие со приватните превозници беше на штета на фреквенцијата на автобусите и на квалитетот на превозот или, поедноставно, сѐ подолго се чека на автобусите и сѐ подолги се термините. ЈСП како да го проголта приватниот превоз и состојбата сѐ повеќе наликува од времето кога беше монопол. Па, така, скопјани често извисуваат верувајќи им на дисплеите бидејќи автобусите едноставно не се појавуваат. Настрана од селските населби каде што фреквенцијата на автобусите е полоша, дури и населби блиску до центарот не се лесно достапни со превозот на ЈСП, а неколку години откако се отвори трговскиот центар „Сити мол“, ЈСП не најде за потребно да ја засили линијата од Аеродром кон Карпош, каде што патем се и голем број средни училишта. Некои автобуси стојат само на дисплејот и не се појавуваат, како тие за градските гробишта, а превезувањето со градските автобуси за време на празници е неверојатно губење време, што е недозволиво за град од оваа големина, со половина милион жители. Некогаш побргу се стига со пешачење отколку со користење на јавниот превоз.

Една споредба со Брисел, на пример, покажува дека таму нема фреквенција на автобуси подолга од десет минути во работен ден, а тие се реално најнекористеното превозно средство, бидејќи се поврзани со систем од трамваи и метро. Скопскиот градски превоз не само што доцни двесте години зад тој на европските метрополи, туку и не одговара на смислата на неговото постоење – да ги превезе граѓаните што побргу и што поблиску до местата на работење без големо малтретирање. Сега кога се чека по половина час за автобус на повеќето дестинации поврзани со една линија, и по возењето што трае речиси исто толку, секој ќе се запраша – има ли воопшто смисла да се патува со ЈСП или да си се врати на користење на сопствениот автомобил?

Горан Адамовски