Џафери: Груевски истури вода на електронскиот систем, па гласавме рачно

При првото гласање на законот, кога се направи неред со истурањето вода од страна на пратеникот Никола Груевски, законот доби 64 гласа што се доволни, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на прес-конференцијата што се одржа попладнево по донесувањето на Законот за јазици.

Џафери потенцираше дека со истурањето на водата од страна на Груевски врз електронскиот систем се оневозможило електронското гласање, по што следувало рачно гласање на Законот за јазици.

Џафери рече дека нема да дозволи да се повтори 24 декември и 27 април во Собранието на РМ.

Според него, основна надлежност на Собранието е да води законодавна процедура согласно Уставот и деловникот.

– Правото на секој граѓанин пред секоја институција е изричито право на протест и во однос на тоа немам замерка, кон граѓаните кои беа пред Собранието, но однесувањето на делот на пратениците не смее да биде сфатено дека е провокација за меѓуетничките односи, тоа е слика и прилика на овие кои така постапиле најдени во теснец поради својата состојба и позиција, не можат се уште да разберат дека се опозиција, рече Џафери.

Во однос на процедурите и уставноста на законите кои се носат во Собранието, Џафери, рече дека единствено надлежен е Уставниот суд во процедура откако ќе се донесе законот.