Јеремиќ: Одам во Вашингтон за да ја отстранам опасноста САД да спречат промена на власта во Србија

Еден од лидерите на опозицискиот блок Сојуз за Србија (СзС), Вук Јеремиќ денеска најави дека следната недела ќе замине во посета на Вашингтон со цел да ја „отстрани опасноста“ САД да ја спречат промената на власта во Србија, бидејќи сакаат Косово да стане членка на ОН до крајот на годината.

Јеремиќ во седиштето на СзС во Белград изјави дека САД нема да го променат својот став за независноста на Косово, но и дека не го поддржуваат бојкотот на институциите и на изборите што ги спроведува и ги најави СзС.

– Ова се двете точки на кои СзС има спротивен став, па затоа одам да ја презентирам ситуацијата од наша перспектива, за да ја отстранам опасноста САД да се постават така што ќе ги спречат промените во Србија, со цел Косово да добие столче во ОН до крајот на годинава, изјави Јеремиќ.

Тој оцени дека посетата на Вашингтон нема да биде лесна, бидејќи „САД сметаат на Вучиќ“, што може да се заклучи од двете писма на американскиот претседател Доналд Трамп испратени до шефот на српската држава.

Јеремиќ изјави дека СзС се залага за решавање на косовското прашање во согласност со Уставот на Србија и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

– Се спротивставуваме и ќе продолжиме да се спротивставуваме на членството на Косово во ОН и… нема да ја промениме нашата политика во поглед на Косово, истакна Јеремиќ, кој е лидер на Народната партија (НС).

Тој додаде дека пред прашањето за статусот на Косово има неколку прашања кои треба да се решат, меѓу кои е и она за сопственоста и статусот, гаранцијата и заштитата на Српската православна црква.

Јеремиќ истакна дека односот кон Косово е утврден во „Договор со народот“, што опозицијата им го понуди на граѓанските протести ширум Србија.

Јеремиќ, кој е поранешен шеф на српската дипломатија и претседател на Генералното собрание на ОН, изјави дека има закажано средби во Стејт департментот и американскиот Конгрес и дека ќе одржи предавање на Универзитетот „Џорџтаун“.

Пред два дена делагација на СзС, предводена од Драган Џилас, Вук Јеремиќ и Борко Стефановиќ, престојуваше во Берлин, каде имаше средби со претставници на Министерството за надворешни работи на Германија и на Кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел.