Јеремиќ: Вучиќ со Тачи и Харадинај создаваат атмосфера на војна


Лидерот на Наодната партија, Вук Јеремиќ од опозицискиот Сојуз за Србија, оцени денеска дека претседателот Александар Вучиќ, заедно со „партнерите од Приштина -Рамуш Харадинај и Хашим Тачи“, режира атмосфера на војна за да има оправдување да го потпише договорот со кој на Косово би му се овозможило влез во Обединетите Нации.

Јеремиќ, во пишаната изјава, посочи дека Вучиќ и Тачи се сретнале во Рим на 4 ноември, по што за само неколку дена по средбата, Приштина ги зголеми таксите за производите од Србија и БиХ, прво за 10, а потоа за 100 отсто.

– Ако Србија и Косово се разграничат на начинот на кој сакаат Вучиќ и Тачи, тогаш повеќе нема пречка за Косово да стане членка на ОН. Ако стане членка на ОН, тогаш нема повеќе меѓународни правни механизми за спречување на понатамошното прекројување на границите на Балканот, од создавањето на Голема Албанија и понатаму, изјави Јеремиќ.

Јеремиќ оцени дека станал главна мета на властите бидејќи изнесува информации за „махинациите на Вучиќ и неговите соработници“, но додаде дека ако нешто му се случи, тоа нема да помине без меѓународни последици, особено по разговорите за ситуацијата во Србија со американскиот државен обвинител, како и со други соговорници од светот.

Тој рече дека целата одговорност за зголемување на насилството во Србија е исклучиво на властите, кои создаваат атмосфера во која граѓаните мислат дека „прават добра работа ако на некој од опозицијата му направат нешто лошо“.

Јеремиќ оцени дека во Србија нема услови за какви било избори или за нормален политички живот.

– Народната партија се залага за активен бојкот на Парламентот, како и на сите други институции, бидејќи тука работите не само што не се нормални, туку драстично се влошуваат, рече Вук Јеремиќ.

Инаку, пратениците од шест опозициски парламентарни групи ја поминаа ноќта меѓу четвртокот и петокот во Народното собрание на Србија во знак на протест поради тоа што не можеа да ги претстават своите амандмани на предлог-буџетот во Собранието. Во текот на ноќта тие одржаа неколку прес конференции на кои ги презентираа амандманите, а денеска по изгласување на буџетот од страна на владејачкото мнозинство, ги повикаа граѓаните на утрешниот протест поради насилството на Студентскиот плоштад во Белград.