Јанкуловска, Мијалков и Кочан неделава се на суд

Судски рочишта за предметите на СЈО „Таргет – Тврдина“ и за „Труст“ се закажани неделава во Кривичкиот суд.

Судењето за споениот предмет „Таргет – Тврдина“ за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето е закажано за 17 јануари.

Во овој предмет обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков и шефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски.

Судијката Ленка Давиткова на последното очиште оцени дека не се исполнети законските препоставки за одржување на главната расправа и затоа го одложи судењето.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

На 18 јануари во Судот рочиште треба да се одржи за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година