Јана Бурческа: Не сум гостин, сега сум водител во „Стисни плеј“


Поп-пејачката Јана Бурческа (25) заплива во водителските води. Од септември е дел од тимот на „Стисни плеј“ на МТВ.

-Емисијата има за цел да промовира и поддржува македонска популарна музика. Среќна сум што имам можност да бидам дел од оваа приказна и навистина многу ме исполнува. Имам одлични соработници, луѓе од кои многу учам, а тие несебично го споделуваат своето знаење со мене. Ме радуваат конструктивните критики кои ги добивам по секоја емисија и врз основа на тоа се трудам да го извадам максимумот од себе. Предност е моето искуство пред камера, секако најчесто во улога на гостин, но од аспект на водител одговорноста е многу поголема, а со тоа и задоволството по добро завршената работа. Начинот на работа во МТВ е мегаломански, огромно студио, голема екипа, многу камери, што е на моменти застрашувачко и ме тремосува, но во здрава мера, вели Јана.

Иако во моментов не подготвува нешто свое на музички план, сепак смета дека активно придонесува за македонската музика.

-Ги поддржувам колегите чија работа е навистина за пофалба бидејќи евидентно е тоа дека македонската популарна музика се враќа на голема врата! Многу артисти, многу песни, многу спотови — само напред!, вели Бурческа.

Нејзиниот последен музички ангажман беше настапот на ревијата на „Сара Фешн“ која се случи кон средината на септември. Приватно, ужива во улогата на мајка. Бебето Дона наполни една година и има најубави сини очи. Вели, личи на мажот ѝ и на целата негова фамилија.

Дебито на сцената ѝ беше во 2011 година во „Македонски Идол“. Во брак е со Александар. Лани беше наш претставник на Евросонг во Киев. (Л.С.)