Ѓорѓи Нешкоски, актер: Задача ми е да го променам животот на обичниот човек


Бескомпромисното трагање по вистината и ставот дека секогаш на јавноста треба да ѝ биде пласирана вистината, без разлика колку е сурова, го дефинира ликот на новинарот Александар во ТВ-серијата „Инсајдер“ која се емитуваше на ТВ „Телма“. Актерот Ѓорѓи Нешкоски (31), кој ја толкуваше таа улога во првата сезона, вели дека актерството, исто како и новинарството, е со општествена задача да отвора прашања, да ги лоцира и актуализира пропустите во системот и да го соочи општеството со овие појави.

Нешкоски е гостиварец кој дипломираше на Факултетот за драмски уметности во Скопје и е вработен во театарот во Тетово. Зад себе има остварено и независни театарски проекти, но пошироката јавност имаше шанса да го запознае преку „Инсајдер“, ТВ-серијата која0 го третираше секојдневието на една новинарско-истражувачка редакција.

„Новинарството е со задача да му го промени животот на обичниот човек“ е репликата која ја изговара Александар, ликот кој го играте во серијата „Инсајдер“. Се согласувам со оваа дефиниција и веројатно повеќе треба да ја практикуваме. Која е општествената одговорност на актерот?
– Актерот, исто како и новинарите, имаат за задача да го променат животот на обичниот човек. И да, веројатно оваа реплика сè повеќе треба да ја практикуваме. Општествената одговорност на актерот е секогаш потрага по вистината, да ги отвора прашањата пред публиката. Да ги актуализира пропустите, системот, вредностите и проблемите. Да го соочи општеството со овие појави. Театарот ја има таа обврска.

Како го градевте ликот на Александар, дали имавте реален пример на новинар по кој се водевте?
– Дружењето со новинари и собирањето информации за нивата работа ми беа појдовната точка. Немав реален човек/новинар по кој се водев. Мислам дека собрав доволно материјал. Потоа продолжив со себеси. Од моите видувања. Ги пронајдов своите лични ставови и карактеристики кои се слични со Александар, за потоа да почнам да ги разбирам работите што тој ги прави, а во кои јас немам ништо заедничко со тоа. Забавно, во секој случај.

Александар, иако својот приватен живот го живее многу слободно и бурно како секој млад човек, тоа не се одрази на неговата професионалност. Беше ставен на тест да го изневери новинарството, но тоа не се случи. Колку е тоа реалност во нашето секојдневие, без разлика дали станува збор за новинар, актер или за друга професија?
– Мислам дека неговиот приватен живот не е пречка за неговата посветеност и успех во тоа што го работи. Напротив, дури и предност. Тоа е професија каде што и темите и информациите се дознаваат надвор, на терен што би рекле, и не ја изневери професијата. Но мојот впечаток е дека таквите примери не се така чести во нашево секојдневие, за жал.

Долго време се зборуваше, пишуваше, некогаш погласно, некогаш потивко за недостатокот од домашни продукции, но факт е дека се разбудивме како земја во однос на ТВ-сериите, но и филмовите, кои конечно почнаа да третираат и современи теми. Ова е барем впечатокот на јавноста која не е директно инволвирана во процесите. Какво е вашето гледиште?
– Се согласувам. Многу ме радува тој фактот што почнавме да третираме теми кои се современи. Сепак, живееме во 21 век, 2017 година, нели? Медиумите веќе подолг период се преплавени со турски сапуници, и некои помалку успешни обиди за македонски серии. Најчестото оправдување за истото беше дека сме мал пазар. Но, ете, последниве македонски ТВ-серии покажаа дека публиката е задоволна. Ги гледаат и ги вреднуваат. Македонија има сериозен капацитет да прави квалитетни продукти. Се разбира, како актер сум пресреќен што ова се случува. Се надевам дека не е само моментален тренд, туку ќе биде и пракса во македонската домашна продукција.

Се најавува и децентрализација на културата, тука не може да не се споменат театрите. Каде го гледате решението или што би предложиле како совет кон заживување на театрите што не се во Скопје?
– Не сум баш сигурен дека сега е време за ваков чекор. Како актер кој работи во театар од внатрешноста на Македонија гледам дека овие институции се навистина на работ на егзистенција и тоа со поддршка на Министерството. Напротив, очекувам поголема поддршка од Министерството во развојот на културните институции, но со сериозен ангажман околу тоа што и како ќе продуцираат. Сепак, ние не сме богата држава, со развиени општини, а со општинските каси не сум сигурен дали може нормално и непречено да функционираме. Има навистина поголеми предизвици со кои овие културни институции треба да се соочат, а тука Министерството ја игра клучната улога. Ќе потенцирам, да се почека некое подобро време за овој чекор. Сакам да додадам дека очекувам од новата постава на ова Министерство поголема поддршка за градовите во кои нема професионален театар, каков што е примерот на Гостивар, во кој циркулира неформална театарска група на професионални актери кои досега немаат добиено никаква поддршка од Министерството за култура за проект на македонски јазик, а тоа е повеќе од потребно. И искрено се надевам дека театарските групи во градовите од внатрешноста ќе наидат на разбирање и поддршка од Министерството и ќе придонесат во развој на театарската уметност во градовите во кои театарот како институција не постои.

Ивана Настеска