Ѓоко Танески, поп-пејач: Како магистер по туризам ќе му помогнам на Охрид


Кај поп-пејачот Ѓоко Танески, македонскиот претставник на Евросонг во 2010 година со композицијата „Јас ја имам силата“, сè се врти околу родниот Охрид. Актуелен е со трибјут-концертот посветен на рок-легендите „Пинк флојд“, кој синоќа се одржа на сцената на Долни Сарај и планира да го промовира и низ Европа. Од друга страна, како иден магистер по туризам, има професионални амбиции активно да се вклучи во креирањето на стратегијата за подобрување на условите во родниот град. Не запира ниту со тезгите низ Македонија, а има и време да му се посвети на семејството.

Актуелен си со концертот во чест на легендарната група „Пинк флојд“. Нивен фан си или сакаше да го ставиш Охрид на мапата на светските случувања?

– Овој проект е по иницијатива на гитаристот Анатоли Арнаудоски со кој работам долго време и на заедничко задоволство сите од екипата кренавме десна рака и прифативме учество. Секако дека сум фан на легендарните „Пинк флојд“ затоа и го прифатив предизвикот за изведба на нивните песни, како и интригата дали ќе успееме да доловиме барем дел од нивната изведба на сцена. Концертот е премиера на проектот „НАМБ трибјут“, кон неповторливата музика на еден од најголемите и највлијателните рок-бендови воопшто во музичката историја. Ќе испееме 16 безвременски хитови на „Пинк флојд“. Со овој настан ќе го доближиме Охрид до светот. Во сите поголеми градови и туристички места, одлично поминуваат концерти посветени на легендарните музичари.

Охрид е актуелен летово со гостувањата на музичките ѕвезди од регионот и на Италијанецот Цукеро. Беше ли на некои од нив и кој концерт го паметиш како најдобар или сакаш допрва да одиш?

– Успеав да отидам на концертот на Цукеро, навистина светска ѕвезда. Не се пропушта, иако вечерта ја одржавме генералната проба на нашиот проект на сцената на Долни Сарај. Како концерт кој ќе го паметам и кој ме воодушеви е оној на американската поп-ѕвезда Лени Кравиц пред неколку години.

Живееш и работиш на релација Охрид-Скопје. Немаш намера да се преселиш во главниот град?

– Засега сè уште не, бидејќи мојот Охрид не заслужува да биде напуштен како што многумина направија.

Го подготвуваш својот магистерски труд „Културното наследство и културните манифестации во функција на туризмот“. На Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје ги претстави своите тези пред стручна комисија кои се фокусирани на алтернативниот туризам во југозападниот дел на Македонија.

– Моите професионални амбиции се активно да се вклучам во креирањето на стратегијата за подобрување на условите во мојот роден град.

Го прекина одморот на Халкидики поради поплавите. Твоите објави на социјалните мрежи беа хит, како и коментарот дека си му се смеел на Наум Петрески дека исчезнал во големото невреме во Австралија додека ловел риба, а слично и тебе ти се случи. Како со семејството се снајдовте во таква ситуација?

– Одмаравме во местото Ормос Панагиас, на вториот крак на Халкидики. Искрено, не беше толку страшно, имаше многу дожд и поплавени улици, но причината за прекинување на одморот беше ладното време кое следуваше по обилниот дожд. А за другар ми Наум навреме дознав дека сè е во ред и подоцна заедно се смеевме на нашите патешествија.

Се чувте ли подоцна со Наум?

– Да, секако.

Подготвуваш ли нешто ново на музички план?

– Здравје боже, ако сè помине во најдобар ред, би сакал проектот „НАМБ трибјут“ да го промовираме и низ европските држави, така што мојата лична музичка кариера ќе биде на пауза.

Еден си од ретките поп-пејачи кои ги имаат редовни тезги низ Македонија. Дали се умори или сè уште ја имаш силата?

– Хаха, силата сè уште ме служи и не се изморив од пеење, ќе пеам сè додека можам.

Се живее ли во Македонија од музика?

– Јас до денешен ден живеам од музика, така што тврдам дека се живее.

Твојата евровизиска песна „Јас ја имам силата“ од 2010 година те однесе на гламурозна свадба во Либан бидејќи невестата многу ја сакала.

– Невестата Јасмин и младоженецот Јусеф уживаа во мојата изведба на популарни светски хитови од околу половина час, а јас уживав во престојот во Бејрут, како Париз на Блискиот Исток. Свадбата беше луксузна, со богати и угледни гости. Спектакуларниот цветен таван и сензационалната венчаница на невестата мамеа воздишки кај стотиците гости. Раскошниот фустан на Јасмин беше со потпис на светскиот дизајнер Зухаир Мурад.

Настапот беше договорен кога Гај Манукиан, многу популарен музичар на Блискиот Исток, присуствуваше на една охридско-бејрутска свадба во Свети Наум на која ние свиревме. Беше воодушевен од нашата изведба. Така се роди нашата соработка и за еден месец летавме за Бејрут на најбогатата свадба на која јас сум присуствувал.

Лејла Сабит