Шчо требит да праиме за одназад

Ерол Ризаов

Ете дознавме шчо требит да праиме за однапред, во духот на злоупотребата на мислата на еден од најголемите македонски дејци, Крсте Петков-Мисирков. Остана да научиме уште шчо требит да праиме за одназад, за да разбереме конечно како тоа по 27 потрошени години во борба за докажување на вистината за неправдата што ни ја прави соседот, Запад, големите сили и домашните неспособни, алчни и корумпирани политичари, сите сме биле во заблуда оти можело да се крене ептен лесно блокадата наметната врз Македонија. Имало стотици луѓе што го знаеле идеалното решение за проблемот, ама одмолчале. Јака им душа, како само им успеало тоа, а можеле да ја спасат и државата, и националниот идентитет, и јазикот, и иднината на два милиони граѓани, ама си молчеле спокојни. Сега вознемирени и загрижени веќе не можат да молчат, им дошло преку глава, бидејќи почнале да чувствуваат историска одговорност да ни ја кажат тајната како со уставното име Република Македонија да станеме членка на ОН, ЕУ и на НАТО.

На првото прашање од мислата на Мисирков ни одговорија и нам и на светот, 200 потписници на отворено писмо до политичките лидери на Македонија. Нашите бранители на идентитетот побара прекин на преговорите со Грција со посредство на медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц. Веднаш откако ќе се откачи сомнителниот претставник на генералниот секретар на ОН, да се поднесе од Владата барање до Генералното собрание да се стави крај на употребата на референцата и да се донесе резолуција со која на РМ би ѝ се гарантирал непречен прием во меѓународни организации со уставното име. Со тоа прашањето за името, јазикот и идентитетот се затвора.

Е, сега прашањето на кое нема одговор е: што ќе се случи по нашето барање да се прекинат преговорите, или како што велат поупатените разговорите со посредство на ОН. Дали тој херојски чин ни ја отвора, или затвора вратата на НАТО, ЕУ и ОН? Кој го има одговорот на прашањето што ако од ОН стаса абер дека во Советот за безбедност, некој, на пример Франција, стави вето на нашето барање, или, наједноставно кажано, ако генералниот секретар ова прашање го одложи на подолг рок, или ако воопшто не стаса да биде ставено на дневен ред од разни други причини? Со колкаво олеснување или жалење на прекинот на преговорите ќе реагираат во НАТО, ЕУ и во Атина, ако одбереме ние да бидеме виновни за неуспехот на „разговорите“ со Грција.

Во тој случај, дали и двете страни ќе бидат подеднакво задоволни? Грција, затоа што не го дала името Македонија, а ние затоа што си останува негибнато уставното име Република Македонија. Нашите баратели за прекин на преговорите прескокнале еден многу важен податок уште кога го составувале своето колективно обраќање. Не го зеле предвид фактот дека никој нас не нѐ присилува на членство во НАТО и во ЕУ. Ние сме тие што бараме. Па, според тоа, многу комотно, како што предлага во своите јавни настапи првиот потписник на писмото – петиција Билјана Ванковска, можеме и на НАТО, и на ЕУ, и на ОН да им кажеме ви благодариме многу на вниманието, ама ние не сакаме во НАТО ни со уставно име, а во ЕУ и во ОН не сакаме да бидеме членки со ниту едно друго име освен нашето уставно име или евентуално може со „Независна“ или „Демократска Република Македонија“ и ништо повеќе. Ова е, без иронија, вистински мелем на душата барем цели пет минути по она што ни го прават со неправдата која ни ја нанесуваат Грција, Европа и Америка сиве овие години и децении. Но, шчо ќе праиме по тие пет минути, кога ќе дојдеме на себе? Тоа треба да го кажат потписниците на отвореното писмо.

Еве уште само две-три прашања од многуте што деновиве ги мачат и ги делат граѓаните на Македонија на кои треба јавноста да ги дознае одговорите од луѓето кои имаат решение членство во ЕУ, ОН и во НАТО со уставното име.

Дали вие веќе знаете како ќе завршат преговорите како што прикажувате во вашето отворено писмо или манипулирате?

Дали ги знаете последиците ако ги прекинеме еднострано преговорите?

Дали ги имате предвид фактот и историските аргументи на кои укажа изминатите години познатата историчарка и општественик, Латинка Перовиќ, дека и денес исчезнуваат држави и нации. Таква опасност вели Перовиќ, која без отворени и затворени писма ги предупреди српските политичари, се заканува и на осуммилионска Србија ако не се интегрира во ЕУ. Има ли таква опасност за двомилионска Македонија, да се распадне сосе уставното име, ако остане единствена на Балканот без членство во ЕУ и во НАТО?

И, конечно, дали вие знаете што ќе одговори Генералното собрание на ОН ако Владата побара да се укине референцата и да се донесе резолуција со прифаќање на уставното име за сите употреби, или се играте со чувствата на граѓаните бидејќи сте меѓу десетте отсто од оние што живеат комотно во најсиромашната земја на Европа.