ЦИВИЛ: Тврдокорните шират говор на омраза

ЦИВИЛ најостро го осудува, како што вели, ултранационалистичкиот карактер на јавните настапи и на социјалните мрежи со кој се карактеризираат Тврдокорните и сличните на нив.

Демократијата, смета ЦИВИЛ, подразбира слобода на изразувањето и право на протест, но и владеење на правото и почитување на човековите права и слободи.

– Ги повикуваме граѓанките и граѓаните да се воздржат од секакво насилство и говор на омраза, а организациите на граѓанското општество да ја поддржат нашата реакција против говорот на омразата и етничката омраза во земјата. Бараме институциите да преземат решителни мерки против сторителите на дела од омраза, како и против оние што шират или поттикнуваат говор на омраза, наведува ЦИВИЛ.

За ЦИВИЛ се крајно неприфатливи директните и индиректните повици на насилство, говор на омраза, клеветење и обвинување на институциите и на соседните држави за фашизам и други квалификации.

– Организаторите на протестот против Законот за јазици, со груба злоупотреба на човековите права и слободи, пред сѐ, на слободата на изразувањето и правото на протест, се обидуваат да предизвикаат меѓуетнички тензии и насилство, смета ЦИВИЛ.