Центарот за култура од Куманово им нуди помош на уметниците кои ќе аплицираат за државна поддршка
Кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ ги повика ликовните уметници, автори од областа на литературата и издаваштвото, како и музичките репродуктивци, да побараат поддршка од стручните тимови на Центарот за подготовка на проекти со кои ќе аплицираат до Министерството за култура за наредната година.
– Заинтересираните кои имаат проекти за 2019 година и планираат да ги реализираат во соработка со Центарот „Трајко Прокопиев“ – Куманово, можат со наше посредување во следниве десетина дена да аплицираат до Министерството за култура за Предлог – годишната програма за финансирање проекти од национален интерес, рече Роберт Цветковски од Центарот за култура.
Од оваа установа ги повикаа уметниците да се обратат во центарот или да добијат информации на телефонскиот број 031/415-099.