Цените на горивата во Македонија го достигнаа европскиот просек

Бугарија има најевтин бензин во ЕУ и четвртото најевтино дизел гориво покажуваат податоците на energy.eu. Просечната цена на бензинот во Бугарија изнесува 1,06 евра за литар, а само две други земји во ЕУ имаат цени под 1,10 евра за литар – Романија каде цената сега изнесува 1,07 евра, и Полска со цена од 1,08 евра за литар.

Просечната цена на бензинот кај 28 земји-членки е 1,30 евра за литар. Најскап бензин се продава во Холандија – 1,68 евра за литар, а потоа следи Италија, Данска и соседна Грција, каде што цената е околу 1,60 евра за литар.Над 1,50 евра за литар цената е уште во Португалија, додека просечната цена за Франција е околу 1,49 евра.

Кај дизел горивата, тие се најевтини во Словачка и изнесуваат 1,03 евра за литар,а во најбогатата земја во ЕУ во однос на БДП – Луксембург чинат 1,05 евра литар дизел, додека во Полска на бензинските станици се плаќа 1,06 евра за литар. На четврто место е Бугарија со 1,06 евра за лират дизел гориво.
Најскап дизел има во Италија, Франција, Велика Британија, Белгија и соседна Грција.

Друг необичен факт за цените на горивото во ЕУ покажува дека во 9 од 28-те земји во Унијата, дизел горивото е повеќе од 10 отсто поевтино од бензинот.
Најголемата ваква разлика е забележана во Холандија (22,57 отсто) и со повеќе од 15 отсто поевтино е да возите на дизел во Данска и Грција. Останатите држави со слична карактеристика се Австрија, Португалија, Словачка, Германија, Луксембург и Малта.Унгарија и Велика Британија се на спротивна страна, бидејќи тие купуваат бензин кој е за околу 2 отсто поскап од дизелот.

Македонија со последното зголемување на цените на горивата се изедначи со земјите од Европската унија, иако до минатата година важевме за земја со најевтини горива во Европа.Така сега бензин Еуросупер 95 чини 1,09 евра за литар, додека Еуросупер 98 чини 1,13 евра за литар.

Македонија е во групата на земјите каде што дизелот е поевтин од бензинот, така што согласно последната корекција на цените на горивата литар дизел на бензинските станици во Македонија се продава по цена од 0,98 евра за литар.
Од 1 јануари Владата донесе одлука да ја зголеми акцизата на горивата за три денари, со што дополнително се зголемија цените.