Царовска: Помош за младите за раст на бизнисот


Да започне свој бизнис, со кој ќе го даде својот придонес за развој на музичката сцена во земјава, било предизвик за младата музичарка Стефанија Милевска минатата година да земе грант за самовработување од Агенцијата за вработување. Музичкото студио „Велком то Стефанијас мјузик ворлд“ досега реализирало еден проект, песната на Мијата, „Домаќинска“, а во идните планови на младата Стефанија стојат уште многу идеи. Таа вели дека е среќна што добила шанса да ги реализира своите соништа, и во Македонија да се занимава со поп и џез-музика. Нејзиното музичко студио е дел од центарот „Анастасија“ од Битола, заедно со „Перформинг арт центар и бар за здрава храна“.

Стефанија вчера беше дел од младите кои на заедничката инфо-сесија на Министерството за труд и социјална политика и Фондот за иновации и технолошки развој насловен како „Можности за развој на брзорастечки бизнис за млади“ се запознаа со можностите кои ги нуди Фондот за искористување на нивните програми за развој и зајакнување на новите бизниси.

„Грантот за самовработување од 4.000 евра беше добар старт кој ми овозможи да започнам бизнис, што го сметам за многу надежен, а студиото да го опремам со квалитетна опрема за снимање на аудиозаписи. Овој настан е одличен за да се запознаеме со можноста како да добиеме помош и да продолжиме да го развиваме бизнисот“, посочува Стефанија.

Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, само меѓуинституционалната соработка може навистина да даде ефекти во вработувањето на младите, но и во развојот на претприемачки дух кај нив.

„Младите се потенцијал кој може да создаде додадена вредност. Заради тоа и со Фондот ги повикавме сите стартувани бизниси во 2017 година преку Оперативниот план за вработување, особено оние што имаат во себе иновативна компонента. Една од мерките во Програмата за економски раст, што се спроведува преку Фондот, е токму континуирана поддршка со цел да се помогне и нивниот раст, бидејќи само така ќе бидеме сигурни дека сме креирале одржливи работни места“, рече Царовска.

Минатата година со поддршка на државата се формирале 165 стартап-компании, кои вработиле 191 лице. Целта, според директорот на Фондот, Јован Деспотовски, е да им се презентираат финансиските инструменти на Фондот и со добра координација со Министерството да им се понуди пакет на поддршка од самиот старт сѐ додека бизнисот се развие.

„Размислуваме сите овие мерки кои сега ги координираме и ги договараме заедно со Министерството од идната година да бидат во еден пакет и да понудиме едношалтерски систем за младите луѓе да имаат можност преку една програма да се вработат и да се развиваат“, рече Деспотовски. Тој посочи дека во моментов 300 компании подигнале апликациски пакет за мерките од третиот столб на Фондот.

Сања Наумовска