Царински терминал на Јажинце за поголем извоз во Косово

Растот на извозот од Македонија во Косово од 41 отсто во декември е добра вест за Стопанската комора на северозападна Македонија. Но компаниите членки сметаат дека државата може да направи повеќе за сегашниот тренд да биде константа.

„Во економската платформа на Комората, секогаш нагласуваме дека Косово е еден од најважните трговски партнери на Македонија, посебно во делот на извозот, со кого имаме позитивен биланс. Сметаме дека државата треба да се насочи кон завршување на инфраструктурните проекти, и тоа не само на автопатот Скопје-Блаце туку и на царинскиот терминал кај Јажинце, кој би го олеснил протокот на стоки кон Косово и обратно“, ни изјави Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Со одлука на косовската влада, од 21 ноември лани, на увозот на стоки од Србија е воведена такса од 100 проценти. Ова доведе до замена на српските стоки со производи од други земји. Според податоците на Царинската управа, вкупната вредност на извозот во декември изнесува 1,1 милијарда денари, а истиот месец 2017 година бил 802 милиони денари, што покажува дека добар дел од алтернативниот увоз во Косово доаѓа од Македонија.

„Без оглед дали оваа мерка кон производите од Србија ќе се тргне, ние треба да бидеме подготвени оваа нова пракса да ја задржиме. Во бизнисот многу е важно да се поддржат бизнис-релациите. Зашто штом ќе се воспостави една пракса, таа има тенденција да се продолжи. Сметаме дека оваа ситуација ќе има позитивно влијание и во иднина, без оглед што извозот може малку да се намали. Ама тоа значи дека ние како држава треба побрзо да работиме на инфраструктурните проекти кои нè поврзуваат со Косово“, појаснува Исени.

Новиот царински терминал на Јажинце, кој Комората одамна го бара, сè уште нема поддршка од Владата.

„Уште се прават анализи дали царинскиот терминал ќе даде ефекти во целокупната работа на Царинската управа. Компаниите членки на комората велат дека овој терминал би им помогнал на бизнисите кои работат во Полошкиот Регион, затоа што ќе им ги скрати транспортните трошоци и времето на транспорт, а во бизнисот и времето е многу ценет ресурс“, укажува Исени.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, воведувањето на таксата за српските производи во Косово ќе донесе само краткорочна добивка за македонските стопанственици.

„Од таксата што е воведена од Косово за Србија краткорочно ќе добијат нашите стопанственици, но ние не се повикуваме на тоа. Како институции и влада создаваме нови мерки што се целосно усогласени со потребите и барањата на бизнис-заедница во Република Македонија и сакаме долгорочно да ги развиеме нашите компании за да бидат поконкурентни не само на регионалните пазари туку и на европските и на глобалните“, изјави Бектеши.

Анита Салтировска