Хрватска „падна“ под четири милиони жители

Според последната проценка на хрватскиот Државен завод за статистика, во средината на минатата година Хрватска имала 4.089.000 жители, што е најмал број во последните 25 години.

Меѓутоа, според демографските проценки, Хрватска „падна“ и под четири милиони, бидејќи голем број иселеници не се одјавуваат, а ДЗС проценките на популацијата ги темели на бројот на родени, починати, доселени и официјално отселени лица, пишува „Вечерњи лист“.

Во последните седум години, бројот на деца под 14 години во Хрватска се намалил за речиси 60.000, а бројот на постарите лица на возраст од 65 години и повеќе се зголемил за 74.000.

– Според мое мислење, сега имаме помалку од четири милиони жители, бидејќи голем број иселени лица не се одјавени. Но, поважно од бројот на жители е старосната структура на населението во Хрватска, односно се помал удел на младите до 14 години во однос на постарите од 65 години. Тоа со себе носи тешки економски и социјални проблеми и последици за пензискиот и здравствениот систем. Според уделот на младите луѓе, може да се види дека мнозинството од училиштата ќе исчезнат, изјави. демографот Анѓелко Акрап од Катедрата за демографија на Економскиот факултет во Загреб.

Исто така, демографите тврдат дека е невозможно да има 4.089.000 жители, а во исто време 3.774.548 гласачи, колку што се впишани во регистарот на Министерството за администрација и се вели дека таквите бројки би биле можни само ако меѓу избирачите биле вброени и малолетни деца.