Хојт Ји: Македонија и Грција имаат шанса да го решат спорот за името


Сега е вистинската можност, Македонија и Грција да изнајдат решение за долгогодишниот спор околу името. Државите мора да го почитуваат суверенитетот на другите држави и не треба да се обидуваат да ги сменат границите. Не сакаме да гледаме промени во границите на Западен Балкан, не гледаме потреба од тоа. Ова го изјави Хојт Ји , заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања за бугарската телевизија Блумберг. Тој додаде дека компромис може да се постигне само со силна волја на лидерите на двете земји.

„Македонија и Грција, имаат можност да постигнат договор за прашањето за името. Верувам дека постои политичка волја, како во Атина, така и во Скопје, да се постигне договор и да се реши ова прашање еднаш засекогаш. Ќе биде напорно. Но ако двете држави продолжат да работат, како што работеа до сега, со посредство на Метју Нимиц, веруваме дека тоа е возможно“, вели Хојт Ји -заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања

Хојт Ји зборуваше и за договорот за пријателство, добрососедство и соработка кои го ратификуваа Македонија и Бугарија. Тој истакна дека ова е позитивен чекор не само за двете земји туку и за целиот регион, и ја пофали посветеноста на лидерите на двете земји.

„Ова е многу добар почеток кој позитивно влијае на бугарското претседавање со ЕУ. На овој начин Бугарија е посветена на регионот, не само со зборови… Затоа многу земји зборуваат за важноста на Западен Балкан и важноста да се помага во регионот. Ретки се државите, кои преземат конкретни чекори, потпишуваат договори и ги исполнуваат овие договори. Го поздравуваме раководството на премиерот Борисов и неговата влада да работи со Македонија, земја која излезе од политичка криза, и која сака да се приклучи на ЕУ и НАТО“, вели Хојт Ји -заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања

Во меѓувреме, грчкиот премиер Алексис Ципар го известил Архиепископот Јеронимос – поглаварот на ГПЦ за текот на преговорите за името. Според официјално соопштение од ГПЦ, Ципрас изразил особен интерес за црковниот аспект на целиот спор. За време на средбата, се обратил и грчкиот архиепископ кој истакнал дека во моментов не се потребни протести, туку национален консензус и единство.