Хилде де Саделеир: Охрид е дестинација за четири сезони

Хилде де Саделеир е Белгијка која две и пол години работи во Македонија. Двојно подолго барала деловни можности во земјава, што резултирало со инвестиции во дури три различни бизниси. Хилде повеќе од една година живее на релација Брисел – Охрид. Главниот бизнис, тука и во Белгија, на нејзината семејна компанија е производство на делови за автомобили. Во последна фаза е со отворањето на производството на облека и дополнителни елементи за јавање коњи. Ќе ја дизајнира нашиот дизајнер Никола Булески, а ќе ги шијат македонски фабрики. Но, и покрај многуте ангажмани, Хилде зацртала  нов предизвик, да го развива туризмот во Охрид вклучувајќи го целиот западен и централен дел од земјава. Приказната на Хилде и Охрид почнува кога со сопругот ја посетиле земјава како туристи. Тоа што го доживеале таа сака да им го понуди и на своите сограѓани.

Веќе имате разработени бизниси, од каде желбата да се занимавате и со туризам?

Туристите од Белгија и генерално од Европа мора да го видат Охрид. Имам многу контакти и тука и во Белгија, и сакам да ги искористам за да им овозможам на посетителите вистинско уживање. Досега успеав да ја претставам винската тура во Белгија, а идниот месец доаѓаат  Холанѓани што отвораат вински бар. Соработувам со локални туристички водичи во Охрид, а целта ми е да ги привлечам Белгијците да искусат поинаков вид туризам. Не таков на кој се навикнати, масовниот туризам, туку да им понудам индивидуални искуства, нешто различно и специјално, што ќе го помнат целиот живот.

Што ве привлекува во овие краишта, што е интересно за да го вклучите во понудите?

Има толку многу што да се види овде, мали села во кои никој не оди, затоа што едноставно нема конекции. Таму луѓето негуваат различни традиции, на пример, прават сирење на традиционален начин. Тоа е она што луѓето сакаат да го видат и да го доживеат кога патуваат. Затоа сакаме да организираме мали групи, до 12 лица, за доживувањата да им бидат максимални, да видат што повеќе нови работи и да научат за традициите и историјата на земјата. Имаме и брод, се вика „Црн бисер“ кој ќе биде дел од доживувањето и со кој сакаме на туристите да им понудиме нешто ново и уникатно, не само тура од Охрид до Свети Наум. Сакаме да застануваме на многу повеќе места, локации кои се неистражени и привлечни. Попатно, ќе им дадеме време на туристите да ги видат црквите, да пробаат прекрасна храна, да купуваат сувенири, да се сликаат, да се капат во езерото… всушност, самите да го организираат своето време и според желбите, бидејќи тоа не е можно кога водите група од 50 лица. Турите треба да траат најмалку по шест или седум часа, за да можат луѓето да го доживеат искуството и да го запаметат. Она што сега го нудиме е винската тура во вашите винарници. Веќе дојдоа холандски туристи, го посетија локалитетот Стоби, винарниците „Тиквеш“, „Стоби“ и „Попова кула“, слушнаа приказни и пробаа храна и македонско вино, а искуството им е извонредно.

Дали мислите дека масовниот туризам е решение за Охрид?

Не. Масовен туризам имате насекаде. А, сè помалку луѓе го сакаат бидејќи тоа не е вистинското искуство и уживање. Македонците се многу отворени и пристапни за соработка, прекрасни домаќини се, па за да Белгијците имаат вистинско искуство треба да бидат во контакт со своите домаќини, да го почувствуваат тоа гостопримство. На Охрид не му требаат нови или поголеми хотели, но повеќето од тие што ги има дефинитивно им треба модернизирање и подигнување на услугата на повисок степен.

Што е тоа што се уште му недостига на Охрид како туристички центар?

Во последните години навистина имаше голем напредок во овој поглед. Нема потреба од голем луксуз, но многу важни се ситниците. Храната секогаш била одлична, но многу е важно да е секогаш свежа, да има разновидност и да биде во доволна количина. Како што кажав, многу хотели треба да се реновираат, да ги имаат сите придобивки на модерното време, а за жал во Охрид не е секаде така. Странските туристи сакаат пристојно и квалитетно сместување. Услугата, храната и чистотата мора да се на многу високо ниво. Не смееме да дозволиме тушот да тече, а завесите или подот да се нечисти. Тоа се мали, но многу важни работи.

Кој дел од земјава има најголем туристички потенцијал?

Ги сакам Охрид, Маврово, винскиот регион… Луѓето кога доаѓаат на одмор сакаат да видат што повеќе, но тоа да не значи дека треба да патуваат со автобус со часови. Многу е важно да има што повеќе директни линии до охридскиот аеродром, а оттука да се организираат добро смислени тури во регионот. За секој да има по нешто, некој сака да седи на плажа, а некој да шета. Сите сакаат да го видат и Скопје, но само на еден ден. Да ја прошетаат Старата чаршија, Кале и центарот и тоа им е доволно од главниот град. Јас мислам дека во понудата задолжително треба да се додаде и Матка, тоа за мене е едно од најубавите места на светот.

Може ли да најдете поддршка во домашните компании, туристички водичи, соодветен транспорт?

Веќе имам партнери што можат да организираат сè што ќе посакаме за реализација на турите. Тоа се водичот Душко Ристиноски и неговото семејство, кои, покрај тоа што ми се соработници, ми се и ново семејство. Многу е интересно кога организирате ваков вид туризам, во групи од 10-12 лица се склучуваат многу пријателства, луѓето се запознаваат се дружат и создаваат заеднички спомени. Во масовниот туризам човекот е само број, а ние сакаме секој да биде свој и да си замине со убави спомени.

Што според вас е приоритет со што би ја збогатиле туристичката понуда во земјава, што ни недостига?

Конекции. Особено авионски до Охрид. Преку лето постојат повеќе, но во зима единствената врска е преку Скопје. Тоа се уште најмалку три часа патување и е премногу комплицирано и непријатно искуство за туристите. Кога Охрид би имал авионски конекции во текот на целата година, би било многу полесно да се донесат туристи. Сега туристичката сезона трае многу кратко, а потоа сè замира. Тоа е лошо и за локалното население и за економијата генерално. А, Македонија е прекрасна во секое годишно време, секој период е погоден за туризам. Охрид има историја, природа, кои се извонредни и во пролет, и во лето, и во есен, и во зима. Мислам дека дури за туристите од северните краишта пролетта и есента се многу подобри отколку летото бидејќи овде им е многу топло.

Што сакаат Белгијците во Македонија, а што не им се допаѓа?

Многу ги сакаат луѓето и нивното гостопримство, храната и природата. Но, секој што доаѓа во земјава, без исклучок, има ист коментар, зошто во оваа прекрасна земја со преубава природа има толку ѓубре?

Сања Наумовска