„Хармонија мунди“ со контрабасистот Ѓорѓи Цинциевски
Македонската филхармонија во 20 часот ќе го одржи симфонискиот концерт „Хармонија мунди“, кој ќе претстави атрактивен, уникатен видео-аудиоперформанс. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков, ќе бидат изведени фантастичните „Планети“ од Густав Холст, кои ќе доживеат и видеоанимација, дело на Милчо Узунов од студиото „3Д“.
Грандиозното дело на англискиот композитор ќе биде изведено на сцената на Македонската филхармонија по подолга пауза, а за првпат доживува и видеопридружба што ќе ги збогати сетилата. Во изведбата на „Планети“ ќе учествува и хорот „Проарс“ подготвен од диригентот Сашо Татарчевски.
Солист на концертот „Хармонија мунди“ е врвниот македонски контрабасист Ѓорѓи Цинциевски, кој ќе го изведе Концертот за контрабас и оркестар од Емил Табаков, а оваа вечер ќе биде изведено уште едно негово мошне интересно и иновативно дело – „Астрална музика“.
Контрабасистот Ѓорѓи Цинциевски се образува на престижната висока музичка школа Royal Northern College of Music во Манчестер, Велика Британија, а неговите солистички настапи се високо оценети од критиката, која го опишува како музичар со одлични технички способности, со карактеристичен личен музички израз и силна експресивност