Хамилтон се закани: Ќе се вратиме посилни


Ѕвездата на Мерцедес, Луис Хамилтон ги поздрави Себастијан Фетел и Ферари за победата во вчерашното Гран При на Австралија. Со трката во Мелбурн беше отворена новата сезона 2018 во Формула 1 и од Мерцедес можат само да жалат за пропуштената победа, која Хамилтон можеше да ја грабне со леснотија.

Хамилтон не сакаше да го нападне неговиот тим за грешка во стратегијата при влегувањето во боксот и менувањето на гумите. Наместо тоа, Британецот се закани дека тој и Мерцедес ќе се вратат посилни уште наредниот тркачки викенд во Гран При на Бахреин.

– Викендот во Мелбурн беше неверојатен, навистина го мислам тоа. Ги поздравувам Себастијан и Ферари, на крајот тие завршија подобра работа од нас и си заминуваат со победата. Ние треба да се прибереме во фабриката, да ги извлечеме поуките и можам да ви гарантирам дека ќе се вратиме посилни. Ќе го сториме тоа уште во Бахреин, рече Хамилтон.

Тој објасни дека останал прилично изненаден по промената на гумите, кога Фетел се врати на патеката пред него и дека најверојатно изгубил време поради густиот сообраќај пред него и појавувањето на виртуелниот автомобил за безбедност

– Таков е нашиот спорт и не секогаш се зависи од тебе. Се обидов да се вратам во битката за победата, успеав да го стигнам, но тоа не беше доволно денес. Тој не допушти ни една мала грешка, а претекнувањата тука се многу тешки при болиди со израмнети можности. Во последните неколку круга решивме да го сочуваме моторот и го намалив режимот на работа, заврши Британецот.