„Хадерсфилд“ на Младински алтернативен театар ќе се одигра во Кино Култура


Претставата „Хадерсфилд“ по текст на Угљеша Шајтинац во продукција на Младинскиот Алтернативен Театар (МАТ) и групна режија на актерите вклучени во процесот ќе се одигра на 6 март во Кино Култура во 20 часот.

Претставата е од млади за млади и е со богат арсенал на пцовки, но нежна претстава, без сентимент и среќа, но со жал за духовноста која пополека изумира.

Дејството на претставата е сместено во мал град во Војводина. Монотониот живот на Раша, Иван и Дуле е прекинат со доаѓањето на Игор, кој од почетокот на деведесетите живее во Хадерсфилд. Се поставува прашањето: Во која мера изборот да се оди или да се остане ги одредува судбините и животните филозофии на секој од ликовите?

„Оваа драма на триесетгоднишници e со еден нов речник, не особено богат и разговорилив, но убедлив и несрамежлив. Без експлицитност, ако ги иземеме пцовките и речникот на гадење и презир. Нови циници и побуненици. Големи градови и мали, тесни, смачени и тегобни животи..животна, речиси документарна пустош, и над неа, или меѓу редови, траги на негазена човечност и уште неизгасени љубови, топлини, сочувство и разбирање“, соопштуваат од МАТ.

Во претставата играат: Хари Михајловски, Томислав Давидовски, Сара Анастасовска, Чедомир Митевски, Мишо Димитријевски и Зоран Митровиќ.

„Хадерсфилд“ е прв проект на МАТ, воедно ова е прво изведување на текстот во Македонија. Премиерата на претставата беше во декември во Скопје, а во јануари претставата гостуваше со две изведби во Домот на Култура во Ресен.

Цената на билетот изнесува 200ден. Резервации може да се направат преку телефоните:
078-434-996 и 070-564-080 или на мејл: [email protected]