(ФОТО) Концерт на „Тото“: Со секоја песна се означуваше нов почеток


Легендарниот американски бенд „Тото“ вчеравечер за првпат во нивната 40 годишна кариера направија концерт во Скопје, во организација на Авалон продукција. Повеќе од два часа во ВИП Арената ечеа големите хитови како „Rosanna“, „Hold the line“, „Lovers in the Night“… безвременската „Afrika“, но и познатата „While my guitar gently weeps“ од „Битлси“.

Токму оваа песна, фронтменот на „Тото“, Стив Лукатер ја најави како емотивен спомен кон неговиот пријател Џорџ Харисон, кој песната ја напиша додека членуваше во „Битлси“. Харисон за многумина е омилениот „битлс“, а Лукатер потенцираше дека за неговото вљубување кон гитари „виновен“ е токму Харисон.

Полната сала и распеаната македонска публика покажуваат дека и по 40 години некои хитови немаат рок на траење. Атмосферата од почеток до крај беше на завидно ниво со многу насмевки кај присутните.

„Тото“ е бенд кој музичката јавност го карактеризира како еден од најдобрите во музичката индустрија, а членовите ги нарекува „Кралеви на живата свирка“. Во моментов ја одржуваат големата светска турнеја која опфаќа 40 земји, насловена „40 патувања околу Сонцето“ (40 Trips Around The Sun), со која одбележуваат 40-децениска работа.

На сцената беа десетина музичари, гитаристот Стив Лукатер со неговата препознатлива  фризура и впечатливи гитарски солажи, пејачот Џо Вилијамс со долгиот црн капут, темните очила, извонредниот вокал, постојано комуницираше и диригираше со публиката. Во „Тото“ драгоцено место има и клавијатуристот Дејвид Пејч кој има напишано и неколку песни за овој состав.

Концертот остави впечаток на светски настан и барем за момент ја однесе публиката некаде во осумдесетите и деведесетите години. Вчерашниот концерт беше евоцирање на спомени, но и исполнување на желби, за оние кои се навистина фанатици по „Тото“.

Секоја песна беше отсвирена многу прецизно и со убава енергија пренесена кон публиката. Задоволството се забележуваше и на сцената и секоја песна ја стартуваа со мотивација како тогаш да почнува концертот и тоа чувство остана до самиот крај.

За овие музичари нема замор и нема просечен настап, целокупни се и свои баш кога се на сцената. Свират со голема посветеност како да треба одново и одново да се докажуваат дека се најдобри, а тоа е одлика на големите музичари. Со тој пристап оддаваат почит кон секој еден присутен во публиката. Така беше и вчеравечер во Скопје – светски концерт, а кај нас.

Ивана Настеска

фото: Борис Грданоски