(ФОТО) Интензивни врнежи од снег на Стража

Снежна покрива утрово се создаде на превојто Стража. Интензивното паѓање на снегот веќе ги обели патиштата и го отежнува движењето на сообраќајот.

Поради нагло заладување проследено со засилен северен ветер, кон крајот на денот врнежите ќе поминуваат во снег на повисоките места, а во текот на ноќта провејување снег е можно и во пониските делови на крајниот север и на крајниот исток во земјава.

На планините висината на снежната покрива ќе се зголеми, а на повисоките места во западните делови ќе се формира помала снежна покривка.

Утринската температура ќе се движи од минус три до три, а дневната од пет до девет степени.

Во Скопје слично време со температура од минус два до пет степени.

Во понеделник наутро се уште ќе има провејување на слаб снег во северните и источните делови, а преку денот ќе биде суво, студено и ветровито со засилен северен ветер.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Поради магла на Плетвар и во Неготино видливоста е намалена до 100 метри.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците е можна појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

 

фото: Независен весник