(ФОТО/ВИДЕО) Големо невреме во Охрид: Езерото ги однесе кафулињата покрај брегот

Како што известивме претходно, силниот ветер што денеска постојано дува во Охрид и регионот, предизвика големи материјални штети. Поплавени се плажи, шеталиштето, како и угостителските објекти покрај крајбрежјето, а невремето го урна и „Мостот на желбите“.

Пријавени се и повеќе штети на возила и инфраструктурата во градот и околината.

Граѓаните јавуваат дека во некои делови на градот има и прекин во снабдувањето со струја, а во Пештани, пак, скршено дрво предизвика застој во сообраќајот на патниот правец Охрид–Св. Наум.

Инаку, деновиве нивото на Охридското Езеро е над дозволениот максимален водостој, а силниот ветер денеска предизвика бранови повисоки и од два метра.

Претходно, од Управата за хидрометеоролошки работи за денеска најавија дека времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, топло и доста ветровито. Ќе дува засилен, повремено силен јужен ветер со над 80 километри на час, а на планините и над 100 километри на час. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.

Фото/видео: Tosh’ Photography