Фестивалот „Десонанз“ организира журка во клубот „Грисмуле“ во Берлин


Македонскиот електронски фестивал „Десонанз“, кој годинава обележува 10 години од основањето, на 15 август ќе биде дел од маратонска берлинска журка која се одржува во вториот најголем клуб во Берлин, „Грисмуле“. На тамошна покана, претставниците од „Десонанз“, освен што ќе настапуваат и ќе го промовираат концептот на македонскиот фестивал, тие ќе бидат и куратори на интернационалната програма. Ова претставува голем и значаен чекор кон приближувањето на берлинската електронска сцена и отвора можности за понатамошни соработки не само за екипата на „Десонанз“, туку и на сите наши чинители на електронската сцена.

Журката е во организација на клубот „Грисмуле“ и најголемата издавачка куќа во Германија за електронска музика „Киле кил“. Македонски артисти што ќе настапат се Андреј Анчевски (Андреас Херц), Мартин Чанаќевиќ (Мартчин), кои ќе претстават сет кој го опфаќа звукот на „Десонанз“. Ќе настапи и Димитар Николов (Кроном), кој веќе се пробива како еден од најквалитетните и најнадежни млади продуценти и диџеи на македонската електронска сцена.

(Клубот „Грисмуле“ во Берлин)
Селекцијата за интернационалната екипа што ја направија од „Десонанз“ за Берлин ги вклучува артистите Онтал (Србија), Рoмек (В. Британија) и Торн Реликс (В. Британија), како хедлајнери, кои се релативно нова супергрупа и нивното берлинско деби го прават токму преку овој настан.

– Повикани сме да направиме интернационална програма која е интересна и свежа за Берлин (кој се смета за град на електронската музика) и треба да претставиме иновативна, несекојдневна и возбудлива музика. Стандардите во тој поглед во Скопје и во Берлин се многу различни и нас ни е голема чест што го правиме ова бидејќи претставува признание за професионализмот и влијанието на „Десонанз“, но и промоција на локалната сцена. Македонска екипа првпат има можност да се претстави во еден од главните берлински клубови и тоа да го прави како рамноправен член меѓу светската фамилија на организатори кои работат со вакви големи клубови – вели Андреј Анчевски.

(Андреј Анчевски ‘Андреас Херц’ – фото: Драги Перковски)

На втората сцена во клубот „Грисмуле“ ќе има уште една германска екипа за која организаторите сметале дека е најскладна со „Десонанз“. Тоа е „Исмус“ од Берлин, која важи за една од најинтересните нови појави на германската сцена и е резидент во „Грисмуле“.

Секоја можна музика веќе има своја сцена во Берлин и веќе има промотери, издавачки куќи, клубови што го работат тоа. Но, тоа што за организаторите од „Грисмуле“ било привлечно кај „Десонанз“ е дека негува високо ниво на квалитет на музиката и на уникатниот и специфичен музички стил. Па, така, десетгодишната работа на „Десонанз“ сега заслужено го добива своето место на интернационалната електронска сцена.

– Се наоѓаме во ситуација каде што има незначителен интерес, слух и потреба од страна на македонската публика за современи и прогресивни електронски музички форми, мултимедијални настани, нови медиуми и визуелни уметности. Се чини дека импактот што го дава македонската електронска сцена со целата поставеност и инфраструктура не е толку голем, колку што ние го добиваме од глобалната сцена. Сè што работевме досега и со „Десонанз“ и „Биткреш“, но и преку индивидуални музичко-уметнички дејствувања, третирање и презентирање на тоа што е ново, модерно, актуелно и прогресивно е од голема важност за нашата сцена. Сакам да верувам и се надевам дека македонската публика и сите активни чинители знаат да го вреднуваат, негуваат и се среќни со тоа што го правиме бидејќи нашата земјата е ставена на мапата на квалитетната светска електронска сцена – вели Мартин Чанаќевиќ.

(Мартин Чанаќевиќ ‘Мартчин’ – фото: Драги Перковски)

Минатата година „Десонанз“ имаше балканска промотивна турнеја со настапи во Белград, Ниш, Софија, Тирана и Приштина. Тие постојано имаат активности и соработки со други фестивали и тоа и понатаму ќе се негува.
– Секогаш остануваме отворени за соработка, вмрежување и работење со други активни чинители на локалната музичко-уметничка сцена. Тоа се покажа како успешно годинава со неколку настани кои беа во соработка со фестивалот „Дрим он“ во Струга – вели Мартин.
– После подолго време работење под капата на „Десонанз“, веќе го заземавме местото во светската фамилија на посериозни електронски и музички колективи. Сега имаме отворена врата и за голем дел од локалната музичка сцена која внимателно ја третиравме и ја поддржувавме во самиот зародок. Не само со концертни промоции, туку и со сите работилници што ги правевме за тоа како се прави музика, како се снима итн. и сега доаѓа еден правилен целосен круг и стигнуваме до реални музички продукти за кои светот е заинтересиран и сака да ги слушне – вели Андреј.

Јубилејното издание на „Десонанс“ наесен во Скопје

Десеттото јубилејно издание на фестивалот „Десонанз“ ќе се одржува на крајот од октомври и почетокот на ноември во Скопје, а на отворањето ќе има гала-концерт во Македонска филхармонија,.
Годинешното издание ќе го задржи препознатливиот концепт на фестивалот со мултимедијални концертни настани, како и клупски настани кои ќе се реализираат претежно во клубот „Епицентар“.

  (Од лево кон десно: Анреас Херц, Кроном, Мартчин – фото:приватна архива)

Мартин и Андреј велат дека наскоро ќе ја објават деталната програма за годинешното издание.
„Десетката“ ќе значи омаж и заокружување на сè она што било инкорпорирано во изминатите години.
– Институционалниот аспект на самиот фестивал е веќе постигнат, декада активна работа на фестивал во полето на музичко-уметничката сцена – веќе сме институција. Ние ќе продолжиме во таа насока да го наградуваме фестивалот и да бидеме сè подобри. Не само со нашите активности тука, туку и надвор од земјата преку соработки како оваа со Берлин – вели Мартин.

Клубот „Грисмуле“ важи за култно место 

Клубот „Грисмуле“, чие име значи мелница, е легендарен и има култен статус во Берлин. Тој е еден од првите клубови што избега од локалниот звук на Берлин и се заинтересираа за странски издавачки куќи.
– Беше еден од првите клубови што ја третираше англиската сцена односно даб-степ и драм енд бејс експлозијата што се случи. Познат е по својот берлински индустриски ентериер, но за разлика од повеќето техно-бункери има прекрасна летна градина која се користи за амбиентална музика и релаксирање.

(Градината во клубот „Грисмуле“ во Берлин)
Во таков хиперкомплекс човек навистина може да се изгуби. Препознатлив е и по тоа што има вечер во која се игра пинг-понг внатре во клубот. За разлика од другите клубови што се на тој ранг и таа големина, „Грисмуле“ не се плаши да експериментира и има многу интересни идеи во различни аспекти – вели Андреј и додава дека навистина се чувствуваат опуштени во однос на претставувањето таму бидејќи имаат целосна слобода да го направат настанот како што тие сметаат дека треба.

Ивана Настеска
Фото: Драги Перковски и приватна архива