„Фени“ излегува од стечај

Од компанијата „ГСОЛ/Еуроникел“ информираа дека Апелациониот суд во Скопје го потврдил решението на Основниот суд во Велес со кое се одобрува Планот за реорганизација на „Фени индустри“ од Кавадарци.

– Одобрувањето на планот за реорганизација на Фени Индустри, создаден и поднесен од ГСОЛ/Еуроникел е правосилно и претставува извршна исправа согласно одредбите од Законот за стечај. Ова значи дека „Фени“ конечно излегува од стечај и дека сега има нов сопственик, ГСОЛ/ Еуроникел, а после сите превирања оваа одлука најголемо значење има за вработените, фирмите кои соработуваат со Фени и целиот кавадаречки регион, се наведува во соопштението од компанијата.

Оттаму оценуваат дека во изминатата година ипол, „Фени индустри“ поминала низ стечај, а начинот на кој била водена стечајната постапка и брзината со која биле обесштетени доверителите се доказ дека законот за стечај и неговото спроведување дава позитивни резултати.

– И покрај многуте обиди да се стави сомнеж на исправноста на процесот за решавање на судбината на Комбинатот, последната и конечна одлука на Судот докажува дека не се констатирани никакви неправилности, а стечајната постапка на Фени беше регуларно и транспарентно спроведена, за да резултира со потврден план за реорганизација и сигурна иднина за Фени и сите засегнати страни од неговото работење, наведуваат од ГСОЛ/Еуроникел.