Утре ќе се решава за Законот за јазици

Собранискатата седница за Законот за јазици ќе продолжи утре попладне, со почеток во 13 часот.

Спикерот Талат Џафери треба наскоро да го закаже продолжението на 32.седница, како што соопштил на денешната координација меѓу пратеничките групи.
Нема информации засега како ќе се надмине проблемот со близу 36 илјади амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, односно дали ќе се отвори расправа за нив или ќе се оди директно на гласање на Законот – со истата содржина како што беше донесен во второ читање, пред претседателот Ѓорге Иванов да стави вето.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе бара судска разврска ако биде прескокната амандманската расправа за Законот кој е дел од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев не присуствувал на координативната средба кај спикерот Џафери.
-Не сакам да верувам дека ќе има гласање без да се разгледаат амандманите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Уверен сум дека ќе се почитуваат Деловникот и Уставот. Амандманите мора да се разгледаат, вели Данев.

Тој најави присуство на ВМРО-ДПМНЕ на утрешната седница, доколку биде закажана, со цел да ги образложат амандманите.
Премиерот Зоран Заев изјави деновиве дека очекува оваа седмица да се затвори ова прашање, откако претходно посочи дека расправата за десетиците илјади амандмани на опозицијата би можела да трае и половина година.