Комеморација за доајенот на Турскиот театар Салаетин Билал


По повод смртта на актерот Салаетин Билал, доајенот на НУ Турски театар, утре, во 13, 30 часот ќе се одржи комеморација на сцената на Театар „Комедија“.

Роден е на 19 март 1942 година. Студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција, а од 1964 година работи во Турската драма при Театарот на народностите – сегашниот НУ Турски театар Скопје, каде што со голема посветеност одигра голем број улоги сè до пензионирањето во 2007 година, но и потоа беше ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.

Паралелно играше и во претстави на Албанскиот театар, во некогашниот Театар „Пралипе“, во независни проекти, во Македонскиот народен театар, во Драмскиот театар.

Седумдесет театарски ролји на македонските професионални сцени и четириесет телевизиски и филмски улоги ја одбележуваат неговата респектабилна кариера. Посветен на театарот како личен предизвик тој се обидува и како режисер, потпишува режии на четири претстави, преведува драмски текстови и бил директор во еден период.