„Уметност за сите“ – проект за полесен пристап до културата за децата со посебни потреби


Социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп е целта на ликовниот едукативен проект „Уметност за сите“ што Националната галерија на Македонија (НГМ) и Холандската амбасада денеска го промивираа во галеријата Чифте амам и потпишаа меморандум за негово спроведување.

Проектот НГМ со холандска помош ќе го спроведува во 2018-та и 2019 година. Наменет е за деца од најрана училишна возраст до завршување на средното образование и ќе се одвива во четири циклуси од по три месеци.

Според Дита Старова Ќерими, директорка на НГМ, институцијата која годинава одбележува 70 години постоење, преку работилници, дебати и организирани посети, „Уметност за сите“ ќе овозможи полесен пристап до културата за децата со посебни потреби од цела Македонија.

– НГМ во рамки на својата програма години наназад во едукативниот сектор реализира проекти наменети за деца од ранливите категории. Големиот број работилници анимираат ученици – деца со различен спектар на попреченост, различна возраст нудејќи можност за социјална инклузија и стекнување нови вештини едуцирајќи ги во културата и уметноста, рече Старова Ќерими.

Холандскиот амбасадор Вилијам Ваутер Пломп рече дека проектот ја заслужува поддршката поради ентузијазмот и професионалноста на НГМ, како и поради целта на проектот, а тоа е инклузија на социјално ранливи категории како што се децата со аутизам и со попреченост во слухот и во видот.

– Културата одсекогаш била една од најважните алатки за демократизација на општетството. Изложеноста на културата и уметноста не е привилегија само за некои, туку основно човеково право. Таа носи подобар квалитет на живеење и најдобро од се е средство за поврзување со другите. Се надевам дека со овој проект тоа ќе се овозможи на овие деца и нивните семејства, рече Пломп.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, меѓу другото, рече дека развојот на културата на маргиналните заедници е стратешки важен за нашата земја, доколку сакаме да ја постигнеме клучната цел, а тоа е да создадеме општество за сите.

– Самиот наслов на проектот и неговите цели кореспондираат совршено со новите културни политики на Владата на РМ, Министерството за култура сублимирани и во нашата максима „Култура на сите, односно култура за сите“. Убеден сум дека овој проект, а и другите што ќе следат ќе ја демонстрираат и во практика нашата почит и грижата кон различностите, и нашата сериозна намера да ги адресираме културните права и потреби на посебните, на ранливите и на маргинализираните групи во општетството, рече Алаѓозовски.

Проектот ќе биде финансиран преку МАТРА – програма на Министерство за надворешни работи на Холандија, отворена за сите земји кои се на пат да станат членки на Европската унија. На крајот од 2019 година проектот ќе биде заокружен со завршна изложба.