Уметниците бараат нов Закон за култура


Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) побара поинтензивен ангажман од Министерството за култура за итно составување нов Закон за култура во чие креирање ќе бидат вклучени претставници на синдикати и носителите на дејност.

Претседателката на синдикатот, актерката Сања Арсовска рече дека во Националната стратегија усвоена од Владата е вметнато дека новиот закон ќе биде изготвен во 2018, а веќе е март и работата во Собранието е отежната.

– Министерството мора да се обврзе на поголема ажурност. Донесувањето нов Закон за култура, за нас уметниците и културни работници е од немерлива важност и претставува ставање крај на досегашниот Закон кој нас не стави во ригидна административна рамка, кој ја ограничи слободата на творење, кој претставува пример за легална закана од страна на работодавецот и отвора простор партиски притисок и манипулација. Донесувањето нов закон ќе овозможи и донесување нов колективен договор во кој ќе се решат моменталните проблеми од работниот однос, рече Арсовска, актерка во Драмски театар-Скопје.

Разочарани се, рече, од тоа што при креирањето на Стратегијата не биле прифатени нивните барања за Закон за театар и театарската дејност е единствената која во стратегијата е оставена без посебен закон. Затоа, кога стратегијата ќе влезе во собраниска процедура, од пратениците ќе бараат да поднесат амандмани за остварување на нивните предлози.

Голем проблем за нив се и систематизациите зашто, сметаат, имаат многу неправилности. Бараат од Министерство за информатичко општество и администрација да го пролонгира рокот по 31 март 2018 за изготвување систематизации за доделувања решенија за распределување на вработените.

Од Министерството за култура велат дека се свесни за проблемот што подолг период е присутен во националните установи од областа на културата, а се однесува на донесување на систематизации и издавање на решенија на вработените во културата според прописите за јавна администрација и измените на Законот за култура од 2014 година.

Имено, со овие прописи, уметниците и стручните кадри во културата (конзерватори, кустоси, библиотекари, филмолози…) се стекнаа со статус „даватели на услуги“, од што им произлезе и сличен третман на правата и обврските како за јавните службеници. Уште тогаш ова решение наиде на револт кај вработените во културата, за што ги поддржува и СКРМ и, многу од вработените одбија да примат решенија како „даватели на услуги“.

„Ние сме подготвени да изнајдеме решение што ќе биде во согласност со законските прописи и ќе го заштити дигнитетот на вработените во културата. Предложивме да се употребува терминот „носител на дејност“ наместо „давател на услуги“, како времено, техничко решение за издавање на решенијата и нивно евидентирање во електронскиот систем на МИОА. Понатаму, преку измените на прописите за јавна администрација и култура што следуваат, ова прашање ќе се регулира соодветно“, велат од министерството за култура.

Тие соопштија дека МИОА предвидува измени во Законот во 2019 година, со што ова прашање ќе се реши трајно во интерес на културните работници.